Австралија набрзина извлече двајца дописници од Кина

Мајкл Смит и Бил Биртлс итно ја напуштија Кина откако беа испрашувани од кинеските бебедносни служби

СИДНЕЈ – Двајца австралиски странски дописници беа извлечени од Кина заради нивната безбедност со помош на австралиски конзуларни службеници откако беа испрашувани од кинеското Министерство за државна безбедност, соопштија нивните работодавци во вторникот.

Дописниците од Кина за Австралиската радиодифузна корпорација (AБЦ) и Австралискиот финансиски преглед (AФР) побараа засолниште во амбасадата на Австралија во Пекинг и конзулатот во Шангај, додека дипломатите преговараа со кинеските власти да им дозволат да ја напуштат земјата, објавија AБЦ и АФР.

На двајцата новинари – Бил Биртлс од АБЦ и Мајкл Смит од АФР им беше забрането да ја напуштат Кина сè додека не одговорат на прашањата за притворениот австралиски државјанин и телевизиски водител Ченг Леи, објавија медиумските компании.

На двајцата новинари им беше кажано дека се „лица од интерес“ во истрагата за Ченг, високопрофилен бизнис водител на кинеската државна телевизија, кој беше приведен од властите во август, се вели во извештајот на АФР.

Пристигнувајќи на аеродромот во Сиднеј во вторникот наутро, Смит им рече на новинарите дека е „такво олеснување да се биде дома“.

Биртлс пред новинарите на аеродромот изјави дека „ова беше виор и не беше особено добро искуство“.

Беше „длабоко разочарувачко напуштањето на Кина под такви нагли околности. Таа беше голем дел од мојот живот и изминатата недела беше надреално“, напиша Биртлс на Твитер.

Јавниот радиодифузер АБЦ објави дека австралиските дипломати минатата недела го предупредиле Биртлс дека треба да ја напушти Кина.

Дописникот пиеше проштални пијалоци со пријателите и колегите кога седум полицајци пристигнаа во неговиот стан на 2 септември на полноќ и му рекоа да не ја напушта земјата сè додека не одговори на прашањата за „случај на национална безбедност“.

Тогаш тој ја повика амбасадата во Австралија за помош и се засолни во дипломатскиот комплекс.

Австралиската министерка за надворешни работи, Мериз Пејн, во изјава потврди дека амбасадата на Австралија во Пекинг и генералниот конзулат во Шангај „се ангажирале со властите на кинеската влада за да им обезбедат засолниште и да се вратат во Австралија“.

AБЦ соопшти дека го вратил Биртлс во Австралија по совет од австралиската влада.

Инцидентот се случи и во време кога странските новинари во Кина доживуваат сголемени проблеми. Според Клубот на странски дописници, Кина протерала рекордни 17 странски новинари со откажување на акредитивните писма во првата половина на 2020 година. (Ројтерс)