Австралија му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ, дали ќе може да ја одложи депортацијата

Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ, како што е најавено, ќе поднесе жалба на оваа одлука, а се надеваат дека викендов ќе има пресврт кој на најдобриот светски тенисер ќе му овозможи настап на Австралија опен


Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ сепак ќе мора да ја напушти Австралија.
Она што последниве денови се најавуваше во австралиските медиуми конечно доби и официјална потврда. Австралискиот министер за имиграција Алекс Хок одлучи да го искористи своето законско право и да му ја одземе визата на Новак Ѓоковиќ.

Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ, како што е најавено, ќе поднесе жалба на оваа одлука, а се надеваат дека викендов ќе има пресврт кој на најдобриот светски тенисер ќе му овозможи настап на Австралија опен.

Доколку не поднесат жалба, Ѓоковиќ во најбрз можен рок ќе биде депортиран од земјава.

За потсетување, Новак Ѓоковиќ беше ослободен од имиграцискиот притвор пред неколку дена, откако судијата одлучи да ја укине одлуката на Граничната полиција која не му дала виза на Ѓоковиќ.
Судијата потоа пресуди дека имало процедурална грешка во постапувањето со Ѓоковиќ бидејќи тој не добил доволно време да се консултира со својот правен тим за понатамошните чекори по пристигнувањето и одбивањето на визата.

Владата верува дека тој влегол во земјата неовластено и ги заобиколил правилата

Австралиската влада деновиве повтори дека сè уште верува дека Ѓоковиќ неовластено влегол во нивната земја, каде што моментално важат ригорозни правила, според кои странец не смее да влезе во Австралија без да се вакцинира против Ковид. Ова правило може да се заобиколи само со исклучок во случај на болест поради која лицето не може да ја прими вакцината.

Неодамнешниот и изненадувачки позитивен тест на Ѓоковиќ за Ковид, за кој беше жестоко критикуван за неговото однесување откако дозна дека има Ковид, не е еден од условите за кои може да се добие медицинско ослободување, па владата започна истрага против Ѓоковиќ за погрешно толкување на правила и за измама на властите при поднесување барање за виза.

Ѓоковиќ цело време се бранеше со тоа што организаторот на Австралија опен предложи начин за влез во земјата, но федералната влада, откако размислуваше да попушти во овој случај, реши ригорозно да спроведе мерки, дури и во случајот на светскиот рекет број 1, а по жестоката реакција на тамошната јавност која се крена на нозе поради можното прогледување низ прсти на Ѓоковиќ.