Австралија можеби нема да ги отвори целосно своите меѓународни граници оваа година и покрај вакцинирањето против Ковид-19


Австралија– Австралија можеби нема да ги отвори целосно своите меѓународни граници оваа година, дури и ако мнозинство од населението биде вакцинирано против Ковид-19. Тоа го изјави австралиски здравствен претставник иако во државата во моментов нема ниту еден локален случај на Ковид-19.

Австралиските власти ги разгледуваат и потенцијалните негативни ефекти од вакцината на Фајзер откако Норвешка пријави неколку смртни случаи кај постари лица по приемот на вакцината.

– Дури и ако имаме голем дел вакцинирана популација, не знаеме дали тоа ќе спречи пренесување на вирусот, изјави официјалното лице.

Австралија, која успеа да управува со кризата со короната подобро од многу други држави преку насочени затворања, голема стапка на тестирање и пребарување контакти, објави денеска за нула локални случаи на Ковид-19.

Државата Викторија, која е домаќин на тенискиот турнир „Австралија опен“, соопшти за четири позитивни случаи кај странски патници, сите поврзани со тенис, вкупно девет.

Случаите ги поттикнаа властите да испратат три чартер летови за Австралија опен во карантин, принудувајќи повеќе од 70 играчи во 14-дневна изолација во хотелски соби.