Австралија купува нови американски ракети за 475 милиони долари: Прва земја надвор од САД со оружјето АИМ-260
Австралија ќе инвестира речиси 736 милиони австралиски долари (околу 475 милиони американски долари) за набавка на ракетите воздух-воздух од новата генерација АИМ-260 (AIM-260 JATM), со што ќе стане првата земја надвор од САД што ќе располага со ова оружје.
Австралискиот министер за одбрана, Ричард Марлес, ја објави набавката за време на меѓународната воздухопловна воена вежба „Пич блек“ во Дарвин.
– Ова е уште еден важен чекор во развојот на нашите способности за дејствување на големи далечини и за одвраќање на потенцијални противници – изјави Марлес.
Ракетата, развиена од американската компанија „Локхид Мартин“, ќе биде набавена преку американската програма за странски воени продажби (FMS).
Во првата фаза ќе биде интегрирана во борбените авиони Ф/А-18Ф „Супер хорнет“ (F/A-18F Super Hornet) на Кралските австралиски воздухопловни сили, а подоцна ќе биде воведена и на авионите Ф-35А „Лајтнинг II“ (F-35A Lightning II) и ЕА-18Ѓ „Гроулер“ (EA-18G Growler).
Австралиската влада оцени дека набавката ќе ја зајакне повеќеслојната воздушна и противракетна одбрана на земјата, ќе ги подобри способностите за дејствување на големи растојанија и ќе ја унапреди интероперабилноста со американските вооружени сили.