Аврамовски: Владата прави упад во судската власт со интерпелација на членовите на Судскиот совет


„Постапката за интерпелација постои како опција што Сoбранието може да ја поведе против оние функционери кои се избрани од страна на Собранието. Интерпелацијата не значи дека по автоматизам престанува мандатот на функционерите избрани од Собранието Во таква ситуација се согласувам со претседателот на Судскиот совет кој вели дека единствено Советот во оваа ситуација може да разреши член од сопствените редови врз основа на законските одредби, додека, Собранието преку постапката за интепрелација може да направи само форма на притисок за да ги натера членовите против кое е поведена интерпелацијата и за кои е изгласан заклучокот дека тие не ги извршуваат своите задачи согласно интенцијата на органот кој ги избрал и така да ги примора тие самите да се повлечат од своите позиции“, изјави во магазинот „Трилинг“, Дарко Аврамoвски од „Коалицијата за правично судење“, говорејќи за последните случувања околу Судскиот совет.

Меѓутоа, додава Аврамовски, Собранието нема моќ да ги разрешува членовите на Судскиот совет.

„Сега од друга страна, тоа може да се протолкува како упад на извршната во судската власт, но исто така и законодавната, бидејќи интерпелацијата е прашање кое што го покренуваат пратениците, а не членови на извршната власт“, смета Аврамовски.

За тоа дали сржта на проблемот лежи исклучиво во Судскиот совет, Аврамовски дециден – не.

„Собранието е тоа коешто бира пет од членовите на Судскиот совет. Ако тие се незадоволни од работата на истакнатите правници кои ги бираат да бидат членови на Советот, Собранието во секој случај може да се запраша и да направи ревизија на сопственото постапување – како и зошто постојано избира лица коишто очигледно не можат да ја вршат оваа функција онака како што треба. Така што,  пред да започнеме со некои укажувавања на тоа дека ќе бидат разрешени членовите на Судскиот совет, би било многу подобро доколку видевме конкретен план како би се избрале новите членови на Судскиот совет, за барем да бидеме уверени дека имаме некаков план, за во иднина да може да даде некои одржливи резултати на долг план, вели Аврамовски.

Говорејќи околу прашањето какви реформи се неопходни во македонскиот правосуден систем за да се врати довербата, Аврамовски вели не се потребни реформи, туку треба да се користи системот којшто веќе е поставен, но тој треба да се применува со добра волја и сите оние законски недостатоци и недоречености да се исполнуваат со добра пракса наместо да се злоупотребуваат.

„Потребно е сите чинители да започнат од самите себе. Да видат што тие можат да направат за да ги унапредат состојбите. Кога е во прашање извршната власт и Собранието првенствено тука се буџетите на судската власт од кои многу работи зависат, како функционалноста, ефикасноста, континуираните обуки на судиите итн., така што можеби најнапред треба да се започне од она што секој лично, индивидуално може да го направи, а секако тоа се однесува и на Судскиот совет чии членови мора конечно да преземат некакви активности за да ја унапредат својата репутација во јавноста, бидејќи во спротивно оправдано ќе бидат мета на критики постојано“, смета Аврамовски.

Околу тоа што обвинителот Коцевски случајот со Фросина Кулакова го окарактеризира како случај со умисла во време кога сѐ уште се води истрага околу целата несреќа, Аврамовски вели дека ова не е прв пат кога имаме медиумски експониран случај да надвладеат емоциите и многу често да се дадат некакви несмасни и несоодветни изјави во јавноста кои одат во насока на нарушување на пресумпцијата на невиност.

„Во конкретниов случај, малку е чудно зошто ваквата квалификација доаѓа од републичкиот јавен обвинител, бидејќи нели има јавен обвинител кој работи на случајот и кој треба да донесе сопствена одлука и проценка дали делото ќе го гони и под кое кривично дело и под која квалификаторна околност. Мислам дека делумно овде станува збор за условно речено „дување во кисело млеко“, бидејќи во пракса имавме сериозни проблеми со ваквите сообраќајки коишто се со смртни последици да се квалификуваат како кривични дела коишто се сторени од небрежност., и покрај тоа што овде умислата треба да биде во насока на тоа дали свесно биле прекршени сообраќајните правила или не. Но, кај нас многу често во пракса се оди на тоа дека последицата, односно смртта е сторена со небрежност и поради тоа се дава многу полесен квалификаторен облик на делото, заради што и голем дел од овие сообраќајки завршуваат со условни осуди“, вели Аврамовски.

Собранието ќе одлучува за интереплациите на петте членови на Судскиот совет кон крајот на месецов, но со оглед дека на иницијативата се потпишаа 67 пратеници, извесно е дека тие ќе бидат изгласани.

Засега од власта не соопштија конкретен план како би се избрале новите членови на Судскиот совет, доколку актуелните се повлечат и дали ќе важат сегашните или новите законски измени кои ги изготвува работната група во министерството за правда согласно препораките од оценската мисија на ЕУ, кои треба да предвидуваат многу построги критериуми. Согласно планот за раст на ЕУ измените треба да бидат донесени до јуни.

Пред повеќе од една година ЕУ достави 40 препораки за реформа на Судскиот совет по серијата скандали во ова тело. За 23 од нив се потребни законски и уставни измени, а се однесуваат на критериумите за избор и разрешувања на членови на Судски совет, дискутабилна е и дефиницијата „истакнат правник“ која се наоѓа во актуелното законско решение за изборот на нов член, а ќе се разгледува и должината на нивниот мандат, начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, компетентноста и транспарентноста.