АВМУ и ЗНМ како спротивна на Законот гледаат на кампањата за ОБСЕ, МНР не се сложува


 Одлуката на Министерството за надворешни работи (МНР) да потроши 100.000 евра за кампањи со цел промовирање на претседавањето со ОБСЕ е спротивна на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, порачуваат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и потенцираат дека тоа е во спротивност со член 102 од Законот во кој се посочува дека дека е забрането користењето буџетски средства за рекламирање во медиумите.

-За вакви и слични настани кои се од голема важност за државата, граѓаните не само што имаат право, туку и треба да бидат информирани, но на други начини, а не преку трошење на буџетски средства, велат од АВМУ.

Користењето средства на даночните обврзници за рекламирање на власта преку комерцијалните радиодифузери, нагласуваат, може да предизвика нарушување на независноста и на уредувачката самостојност и истовремено може да создаде клиентелистички однос на медиумите кон власта.

И од ЗНМ укажаа на незаконско работење

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на постапката на Министерството за надворешни работи, кое преку претходно спроведена јавна набавка, инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.

Како што посочуваат од ЗНМ, според јавно достапните информации МНР ќе потроши околу 100.000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето со ОБСЕ, за што е склучен е договор со приватна маркетинг компанија.

Потсетуваме дека ваквата постапка од страна на МНР директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми. Оваа одлука, која ја надополнува активната законската забрана за владини кампањи, им укажува на сите органи на државната управа како и на единиците на локалната самоуправа да престанат да се рекламираат во комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл., наведуваат од ЗНМ.

Од МНР објаснуваат дека е редовна процедура

Претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешно – политички проект со кој Република Северна Македонија ќе се претстави во меѓународната јавност, но и проект кој има значење и влијание и за севкупниот внатрешно – политички развој на земјата.

 Како што веќе информиравме, ангажирање на агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој Претседавач со организацијата, и активностите кои се предвидени не се за пи-ар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја – претседавач со најголемата регионална безбедносна организација.

 Покрај Стратешкото комуницирање, ангажирањето на Агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на Министри за надворешни работи.

 Во рамките на првите денови од преземање на претседателството, беа привремено постави веб банери, кои се од информативно-едукативен карактер и преку истите на ниеден начин не се промовира ниту министерството ниту неговата работа.

 Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите.

 Без разлика на законските можности, по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери. Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор.