АВМУ нема да ја смени одлуката за рекламирање за Мециновиќ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема да го промени Упатството за радиодифузерите за локалните избори за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој влезе во вториот круг за градоначалник на Скопје да добие платено политичко рекламирање.
Според АВМУ, од првиот до вториот круг на локалните избори нема никаква промена на Законикот, па оттука не постои правна основа за измена на упатството. Секое дејствие надвор од таа рамка, вклучително и измена со која би се доделиле посебни права за поединечен кандидат, би значело пречекорување на овластувањата на Агенцијата, тврдат од АВМУ. Оттука, сметаат дека не постои правна можност ниту основа Агенцијата да постапи на таков начин, бидејќи тоа би значело самоволно толкување или менување на законска норма, што е недозволено за ниту една регулаторна институција.
Запрашани од „Слободен печат“дали сметаат дека непостапувањето во оваа насока претставува злоупотреба на службената положба и овластување од Агенцијата велат:
„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги постапува исклучиво во рамките на своите законски овластувања. Секое постапување надвор од пропишаните законски рамки би значело повреда, а не почитување на законот. Оттука, непостапувањето во насока на менување на Упатството не може да се квалификува како злоупотреба на службената положба, туку напротив — како пример на законито и одговорно постапување на институцијата“.
Освен Амар Мециновиќ и Стевчо Јакимовски, како кандидат за градоначалник на Карпош, објави дека е дискриминиран од АВМУ бидејќи добил само 3.500 евра наспроти неговиот противкандидат од Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ кој добил 56.000 евра за рекламирање. За разлика од нив Мециновиќ нема да добие ништо и уште повеќе – има забрана да се рекламира на билборди и на телевизии, што е чиста дискриминација невидена во демократски држави.