АВМУ до Беса: Не сте во право


Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги тврди дека движењето Беса врз неа врши притисок преку објавата дека е поднесена кривична пријава против Агенцијата и претседателот на Советот на Агенцијата.

Во реакцијата на Агенцијата се вели дека „во Изборниот законик е точно утврдено дека право на изборна кампања имаат само учесниците во изборната кампања, а тоа се листи на кандидати за избор на пратеници кои се потврдени од Државната  изборна комисија. Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) обезбедуваат време за платено политичко рекламирање само за овие учесници.

Државната изборна комисија ја има потврдено листата на кандидати за изборите што ќе се одржат на 15 јули, според која Беса е дел од коалицијата ‘Можеме’. Оттаму, имајќи предвид дека оваа партија не настапува самостојно, може да добие време за платено политичко рекламирање само и исклучиво во минутите наменети за споменатата коалиција“.

„Како што најавивме пред неколку месеци, денеска во името на Движење БЕСА поднесовме кривична пријава против АВМУ, заради пречекорување на овластувањата и злоупотреба на службена должност, Поднесувајќи ја кривичната пријава Беса објави дека одлуката на АВМУ е за да ѝ се наштети на партијата „кое е четврта партија по големина, односно втора поголема опозициска партија од резултатите на парламентарните избори од 2016 година… На остатоците од режимот ВМРО-ДУИ нема да им се дозволи да направат нови преседани со толкување на законите по нивата лична желба или нивните партиските наредби“, истакна генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа на Фејсбук.

Агенцијата во својата реакција тврди дека нацрт-верзија на упатството за лимитите за платено политичко рекламирање беше ставена на јавна расправа на 3 март и до неговото усвојување на 15 јуни, Беса немаше доставено ниту една забелешка. Упатството е донесено едногласно од сите членови на Советот на Агенцијата.

„Изјавите за поднесена кривична пријава не може да сфатат никако поинаку освен како обид за притисок врз Агенцијата, особено пред утрешната седница за кога е предвидено донесување ново упатство за платено политичко рекламирање врз основа на последната Уредба на Владата која се однесува на изборниот процес“, се вели во реакцијата на АВМУ.