АВМУ: Анкети за изборите до 9 јули


Најдоцна до 24 часот на 9 јули може да се објавуваат резултати од испитувања на јавното мислење во врска со Предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, соопшти денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, потсетувајќи ги радиодифузерите на одредбите од Изборниот законик за објавување резултати најдоцна пет дена пред датумот определен за одржување на изборите.

АВМУ воедно укажува дека при објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето.

Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред затворањето на избирачките места, информира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.