Авионското засејување на облаците нема да продолжи, како ќе се штитиме од град


Фото: Б. Грданоски

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопштија дека по четири години успешно користење на мерката за авионско засејување на облаците, оваа година и покрај напорите на УХМР, мерката нема да продолжи.

– Авионското засејување на облаците беше ефикасна метода која успешно се спроведуваше од 2019-та година, со што во повеќе наврати успешно беа спречени штети од град врз земјоделските посеви низ целата територија. За жал, војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на реагенси кои се користат како компоненти во ракетните горива, поради што ваквите реагенси се дефицитарни и тешко достапни. Управата за хидрометеоролошки работи уредно спроведе постапка за јавна набавка, но за разлика од минатите години, овој пат на повикот не се пријави ниту еден економски оператор, наведуваат МЗШВ и УХМР.

Управата ќе продолжи да ја следи состојбата и веднаш штом пазарот со реагенси ќе се стабилизира, повторно ќе распише нова јавна набавка за активирање на мерката за заштита од град по пат на авионско засејување. Во меѓувреме, како што најавува, преку својата веб страница и медиумите, редовно ќе известува за временските услови и навремено ќе алармира за можни временски непогоди со цел земјоделците навремено да превземат мерки за заштита.