Авионските летови до Крф и Атина прва жртва на повторно отворениот спор за името?
Грчки „Егеан“ ја отповика планираната нова рута од Скопје до Крф, ги намали и летовите до Атина
Дали почнаа да се јавуваат првите последици откако повторно беше разгорен спорот за името со Грција, а новата претседателка и веројатниот иден премиер го ставија под прашање Преспанскиот договор?
Грчката авиокомпанија „Егеан ерлајнс“ (Aegean Airlines) ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија меѓу Скопје и Крф, која требаше да започне на почетокот на јуни со линијата Атина – Скопје – Крф – Скопје – Атина, јави специјализираниот портал „Ексјуавиејшн“ (exyuaviation.com).
„Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а кракот Скопје – Атина да се одвива во среда и недела наутро. Според ревидираниот распоред, ‘Егеан ерлајнс’ се чини дека целосно ги откажа двата неделни лета и веќе нема да оперира меѓу Атина и Скопје во двата дена, намалувајќи ги вкупните фреквенции меѓу двата главни града од дневни на пет неделни почнувајќи од 4 јуни. Дополнителни промени остануваат можни“, пишува порталот.
Инаку, поради спорот со името меѓу Македонија и Грција, помеѓу главните градови на двете држави цели 12 години немаше директна авиолинија. По потпишувањето на Договорот од Преспа и нормализирањето на билатералните односи, воздушната линија беше воспоставена на 1. ноември 2018 година кога „Егеан ерлајнс“ и ТАВ склучија договор за летови меѓу Скопје и Атина во текот на целата година.
Во март годинава „Егеан ерлјанс“ објави дека ќе започне со нова сезонска услуга од Скопје, со два неделни летови меѓу Скопје и Крф, што требаше да почне на 1 јуни и да се одржува до 28 септември. Оваа линија требаше да ја реализира „Олимпик ер“ (Olympic Air), регионалниот бренд на „Егеан“, со авион ATR72-600. Всушност, станува збор за продолжување на дневните летови од Атина до Скопје, како и трите неделни ротации од македонскиот главен град до Сараево.
„Егеан“ на официјалната интернет страница објави дека почетната цена на билетите за линијата Скопје – Крф изнесува околу 130 евра за еден правец.
Засега нема објаснување за причините за откажувањето на најавената авиолинија, и за намалување на летовите до Атина, односно дали станува збор за економски причини.
Овој потег на „Егеан“ доаѓа непосредно по влошувањето на билатералните односи меѓу официјално Скопје и Атина, поради употребата на името Македонија. Деновиве од Грција стигнуваат жестоки реакции на користењето на старото име на државата при давањето свечена изјава во Собранието од страна на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, по што грчата мабасадорка ја напушти церемонијата, а од грчките политичари проблемот се издигна на највисоко ниво. Неколку дена подоцна и победникот на изборите и идниот манадатар, Христијан Мицкоски, изјави дека и тој ќе го користи тоа има, и ѝ порача на Атина ако сака нека го однесе проблемот во судот во Хаг. Во Грција во тек е кампања за изборите за Европскиот парламент, така што прашањето за името на Македонија често се употребува во јавните настапи на грчките политичари.
Паѓа во очи што откажувањето на најавената линија и намалувањето на летовите до Атина доаѓа во пресрет на летната сезона, кога голем број наши граѓани се упатуваат во Грција за годините одмори.
Инаку, во коментарите на веста на „Ексјуавиејш“, читатели коментираат дека Загреб го има Крф со „Рајанер“, а Љубљана има чартери со „Трејд ер“.
Еден од читателите коментира дека никогаш не ја разбрал поентата на рутата до Крф, бидејќи Крф не е толку далеку. „Да не зборуваме дека кога ќе слетате на Крф треба да изнајмите возило бидејќи јавниот превоз е очаен, така што цената на удобноста на летањето прилично ја надува“, се вели во коментарот.
Исто така, во коментарите се посочува дека кратење на одредени линии направил и „Визер“, но и дека тоа е направено поради проблеми со моторите на некои авиони на кои треба да се изврши ревизија, што ја намали расположливата флота на овој авиопревозник не само за Скопје, туку и за други градови кои ги опслужува. (Н.В.)