Авион Боинг 777 принудно слета во Лос Анџелес поради механички проблеми


Авион Боинг 777 на компанијата „Американ ерлајнс“ синоќа принудно слета на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, поради сомневање за механички проблем. Според американските медиуми во инцидентот нема повредени лица.

Портпаролот на „Американ ерлајнс“ изјави дека пилотот пријавил можен механички проблем пред слетувањето, а според првичните информации на авионот му пукнала гума.

Инцидентот се случи само неколку дена откако авион на „Јунајтед ерлајнс“, исто така Боинг 777, кој полета од меѓународниот аеродром во Сан Франциско мораше принудно да слета во Лос Анџелес, откако изгуби гума.

На 8 март вечерта, друг авион што полетал од Сан Франциско мораше принудно да слета во Лос Анџелес поради проблем со хидрауличниот систем на авионот, но авиокомпанијата и моделот на леталото не се познати.

Авиоиндустријата во САД во изминатите месеци се соочува со серија инциденти поврзани со неисправни авиони, кои предизвикаа дебата за безбедноста на тој вид на транспорт.

На почетокот на оваа година, авион Боинг 737 Макс 9 на „Алјаска ерлајнс“ кој патуваше од Портланд, Орегон до Калифорнија мораше да се врати назад набргу по полетувањето кога се откина големо парче од трупот, изложувајќи ја патничката кабина на надворешната средина. „Алјаска ерлајнс“ соопшти дека привремено ќе ги приземји сите 65 од своите авиони 737 Макс 9 поради истрага. Боинг тогаш соопшти дека е свесен за инцидентот и „работи на собирање повеќе информации“.

Инцидентот во јануари, во кој иако немаше сериозно повредени, доведе до едномесечна истрага на американската Федерална управа за авијација (ФАА) која откри системски недостатоци во обезбедувањето квалитет на производителот на авиони Боинг.

Во одделот за комерцијални авиони, комисијата на ФАА не најде стандардизиран и јасен начин за вработените да пријават недостатоци во квалитетот. Како што се наведува во извештајот објавен во февруари, „генерално, постои конфузија меѓу вработените за нивната улога во управувањето со безбедноста“.

– Процедурите и обуката се сложени и во постојана состојба на промена, создавајќи конфузија на вработените особено меѓу различните работни места и групи на вработени, се наведува во извештајот.

Како дел од истрагата, комисијата побарала и од Боинг да докаже дека безбедноста е врвен приоритет.

– Но, документите, интервјуата и разговорите со вработените не покажаа дека Боинг е фундаментално посветен на целта како што тврдеше самата компанија, беше посочено во извештајот.