Авиокомпаниите работат на апликација за патници со податоци за корона тест и вакцинација


Фото: Б. Грданоски

Швајцарија– Авиокомпаниите низ целиот свет се надеваат дека ќе ја надминат кризата со коронавирусот со воведување на дигитални здравствени картички за патниците кои во мобилните телефони ќе чуваат податоци за тестирање на коронавирус и за вакцинација.

Картичките ќе бидат тестирани во наредните недели од страна на Бритиш Ервејз и други превозници, а ќе се издаваат во првиот квартал од следната година, соопшти Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) со седиште во Женева.

Целта на апликацијата е да ги поштеди патниците од пропишаната обврска за карантин, што е голема пречка за меѓународните патувања.

Податоците за здравјето на патниците ќе бидат зачувани само на нивните мобилни телефони, а не во централниот регистар, нагласи ИАТА.

– Нашата цел е економичен и едноставен, ефикасен и безбеден систем што ќе ја исполни оваа важна задача, изјави генералниот директор на ИАТА, Александре де Јунијак на прес-конференција.

ИАТА ги повика владите да се подготват за воздушна испорака на вакцините против Ковид-19 ширум светот, што вклучува набавка на опрема за ладење, отстранување на бирократски пречки и забрзани гранични формалности.

Работниците во авијацискиот сектор треба да бидат вклучени во приоритетните листи за имунизација за да можат да превезуваат вакцини преку границите, нагласи Де Јунијак.

Бројот на авионски патници се намали од минатогодишните 4,5 милиони на 1,8 милиони годинава, соопшти ИАТА.

Асоцијацијата проценува дека компаниите имаат акумулирано загуби од 118,5 милијарди долари поради пандемијата.