Авганистанец (27) уби три жени во Виена
Три жени се пронајдени мртви во салон за масажа во Виена кој наводно служел како бордел, а се претпоставува дека биле избодени со нож, јавуваат австриските медиуми. Полицијата уапси осомничен во парк недалеку од местото на злосторството, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за австриската новинска агенција АПА.
Тој додаде дека и уапсениот има расекотини, но неговиот живот не е во опасност. Според информациите на Kronen-Zeitung, мажот во моментот на апсењето имал оружје за убиство во раката. Според австриски Курир, тој е 27-годишен Авганистанец.
Убиецот се криел во грмушките
Австрискиот портал ОЕ24 пишува дека жртвите биле Азијки кои наводно престојувале во бордел наречен Азија Студио 126а. Сведок видел трага од крв која води од просториите кон улицата, се вели во полицискиот извештај. Куриер пишува дека полицијата го пронашла Авганистанецот како се крие во грмушките на блискиот парк.
На местото на настанот била повикана брза помош, но жените веќе биле мртви. Осомничениот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болница на одделението за лица лишени од слобода, при што му биле констатирани полесни повреди. Според првичните информации, трите жени веројатно биле единствените вработени кои биле во објектот во моментот на злосторството. Не се знае дали мажот ги користел услугите таму или веднаш со нож ги нападнал жените.
Само неколку часа претходно во Виена се случи уште едно убиство. 51-годишна мајка и нејзината 13-годишна ќерка се пронајдени мртви, а како што пишуваат медиумите причина за убиството е семејна драма.