Аваз: Норвешки модел или поправен испит за влез во ЕУ


БиХ – Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) објави документ во кој се сугерира дека приближувањето на балканските земји кон ЕУ треба да биде по модел на Норвешка.

Тоа значи дека земјите од регионот би имале поголеми економски привилегии за напредок со реформите, додека формалното влегување во ЕУ ќе биде нешто на што ќе се чека.  ЕСИ смета дека ова, сепак, е подобар пат од сегашниот.

Сараевски Дневни аваз по тој повод пишува дека ЕУ разгледува нов пристап за прием на државите од регионот, така што би биле враќани на „поправен“.

Весникот пишува дека ЕУ се повеќе ја разгледува можноста секоја од земјите од регионот што се стремат кон ЕУ да биде вратена еден или повеќе чекори назад во процесот.

Праксата на „буткање“ или враќање еден или повеќе чекори назад би се применувала за секоја земја во регионот, што не задоволува во некој од реформските сегменти. И така, се наведува, ќе се работи се додека „не се совлада материјалот“.

Весникот пишува дека овој концепт го „туркаат“ група држави собрани околу Франција, додавајќи дека „тие со право укажуваат дека процесот за проширување, спроведен досега, е во целосен ќорсокак“.

По уште едно одбивање на Северна Македонија и Албанија, се интензивираа дискусиите во рамките на институциите на ЕУ, но и меѓу земјите-членки, пишува Аваз.

Унијата, од една страна, не сака да премине во натамошно проширување затоа што, според весникот, сè уште ги „мами“ земјите што и се придружија пред десетина и повеќе години.

На пример, Романија, која влезе во ЕУ во 2007 година, дури и сега е под посебен режим на ЕУ, бидејќи нејзините ефекти во борбата против корупцијата се катастрофални.

Од друга страна, велат, Балканот е важен и не треба да се остава целосно на цедило.
Мора да се најде некој вид компромис и конструктивен начин за излез од сегашната блокада на процесот на проширување, пишува, додавајќи дека, според сегашното расположение, мај следната година би можел да биде најреалниот момент за објавување нова стратегија за Западен Балкан.

За тогаш е планирана нова расправа за регионот на Советот на Европа, тело што ги собира шефовите на држави или владите на земјите-членки на ЕУ.

Потоа, Хрватска, која ќе го преземе претседателството со Унијата од 1 јануари, ќе организира нов самит ЕУ-Западен Балкан.

Повикувајќи се на дипломатски извори, Аваз пишува дека ЕУ е свесна дека процесот на проширување треба да се задржи, но и да се освежи. Прашањето е само на кој начин.