„Аватар: Патот на водата“ со светска премиера во Лондон – ѕвездите позираа на син килим


Англија– „Аватар: Патот на водата“, продолжението на филмот со најголема заработка на сите времиња, ја одржа својата светска премиера во Лондон.

Неговото многу одложено лансирање доаѓа 13 години по оригиналниот научно-фантастичен филм, кој беше објавен во 2009 година.

Режисерот Џејмс камерон со сопругата Сузи Амис

Режисерот Џејмс Камерон беше придружуван на синиот килим на Лестер Сквер од ѕвездите Сем Вортингтон, Зои Салдана, Сигурни Вивер и Кејт Винслет.

Серијата „Аватар“ е сместена на раскошната планета Пандора каде егзистенцијата на народот Нави е под закана.

Зои Салдана

Говорејќи на премиерата, Вивер рече дека филмот го има „семејството“ како централна тема во однос на животната средина, бидејќи е „поуниверзален и релаксирачки“.

„Беше радосно да се биде дел од тоа семејство, понекогаш бевме на гуша, Џим [Камерон] го сакаше тоа… да се зближиме еден со друг, сепак да се забавуваме и тоа е многу вистинско семејство, изјави таа .

Долгоочекуваното, осумкратно одложувано продолжение на „Аватар“ од 15 декември ќе биде на репертоарот на Синеплекс во Скопје. Вториот дел на остварувањето од над милијарда долари на режисерот Џејмс Камерон, во кината во САД и ширум светот е на 16 декември годинава.

Во новата приказна, На’ви воинот Нејтири (Зое Салдана) и поранешниот маринец кој стана На’ви, Џејк Сали (Сем Вортингтон) сега се горди родители на четири деца на далечната планета Пандора.
Сигурни Вивер

– Продолжението е приказна за семејството и она низ што ќе минат родителите за да го сочуваат и заштитат своето семејство… Секогаш велам дека филмовите на (режисерот) Џим имаат универзални теми – и навистина, нема поуниверзална тема од семејството, изјави продуцентот Џон Ландау во една прилика.

Меѓу глумците се Кејт Винслет, Сигурни Вивер, Стивен Ланг, Мишел Јео, Вин Дизел, Уна Чаплин, Џоел Дејвид Мур, Џовани Рибиси и други. 

Сем Вортингтон со сопругата Лара

Џејмс Камерон не е сигурен дека „Аватар: Патот на водата“ ќе постигне таков успех на бокс-офисот како првиот дел, кој веднаш влезе во списокот филмови од милијарда долари.

Имено, 67-годишниот режисер за „Емпајер“ вели дека нема гаранции дека новиот филм ќе биде толкав хит во кината.
Моделот Џордан Дан

– Ако заработиме 20 или 30 отсто помалку од оригиналот – зашто и пазарот веќе не е ист, тоа би било лошо. „Троловите“ ќе направат тоа да изгледа како никој да не му е грижа и дека, небаре, никој нема да може да се сети на имиња на ликовите или на едно проклето нешто што се случило во оригиналниот филм, изјави Камерон.

Режисерот откри дека новиот филм ќе биде подолг од вообичаеното за прикажување во кината, 190 минути, но рече дека не сака гледачите „да лелекаат“ за тоа, при фактот што минуваат часови гледајќи телевизија.

Сцена од филмот

– Не сакам никој да се жали на должината, кога седи и гледа (ТВ, б.п.) осум часа… Речиси можам да го напишам овој дел од критиките однапред: „Измачувачки долгиот тричасовен филм“… Ги гледав моите деца како седат и гледаат пет едночасовни епизоди по ред, додаде Камерон.

Режисерот призна дека и се двоумел дали воопшто вреди да се прави продолжение.

– Морав долго и напорно да размислувам дали всушност и сакам да направам уште еден „Аватар“ бидејќи беше многу тешко и ризично. Кога си направил нешто што е толку „трансцендентно“ во успехот, дали навистина сакаш да се ​​обидеш повторно? Размислував за тоа две години пред конечно да се одлучам, заклучи тој.