„Аудиенција“ од Хавел во МНТ по повод 30 години од Кадифената револуција


Во Македонскиот народен театар вечер од 18 часот ќе биде изведена премиерата „Аудиенција“ од Вацлав Хавел во режија на Сибел Абдиу, во рамки на одбележувањето 30 години од Кадифената револуција. Ја организира Амбасадата на Чешка во Скопје, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, Министерството за култура, МНТ и „Машина продакшн“.

„Аудиенција“ е трагикомична апсурдна драма во еден чин, според делумно автобиографскиот текст на Хавел од 1975 година. Во двете улоги (Сладарот и Вањек) ќе настапат Џенап Самет и Владо Јовановски. Вањек е драмски писател, интелектуалец, принуден да работи во пиварница. Тој е алтер-егото на авторот (измислена личност, психолошки идентична со авторот), кој е следен од тајната полиција. Сладарот е претпоставениот на Вањек кој во него гледа авторитет, и покрај тоа што му е подреден. Се обидува да направи нечесен и неетички договор со Вањек… Целта на претставата е да посочи на апсурдноста на комунистичкото општество, неверојатниот јаз меѓу интелектуалците и медиокритетите, а исто така и индиректната критика на тоталитаризмот и не-слободата.

Композитор на претставата е  Слободан Трајкоски, а сценограф Ујза Жури. „Аудиенција“ повторно ќе биде изведена и задутревечер (8 ноември) од 20 часот.