Атлетичарка од Белорусија одбива да го напушти Токио


Кристина Циманоска со полициска придружба на аеродромот во Токио (Фото: Ројтерс)

Спринтерката Кристина Циманоска е заглавена на токискиот аеродром откако спортските функционери предвреме ја натераа да ги напушти Олимписките игри и да се врати во Белорусија

 

ТОКИО – Белоруска спринтерка одби да одлета од Токио во неделата, откако беше одведена на аеродромот против нејзината желба од нејзиниот тим по нејзините поплаки за националниот тренерски состав на Олимписките игри. Кристина Циманоска (24) сѐ уште беше на аеродромот „Ханеда“ во Токио во раните утрински часови во понеделникот. Меѓународниот олимписки комитет соопшти дека разговарал со Циманоска и дека била придружувана од вработен во Токио 2020 на аеродромот. „Таа ни рече дека се чувствува безбедно“, напиша МОК во твит. Се додава дека МОК и Токио 2020 ќе ги продолжат разговорите со Циманоска и властите „за да ги одредат следните чекори во наредните денови“.

Инцидентот во неделата, првпат објавен од Ројтерс, ги истакна поделбите во Белорусија, поранешна советска држава, со која раководи претседателот Александар Лукашенко. На власт од 1994 година, минатата година се соочи со бран протести, на кои им се придружија и некои спортисти.

Циманоска рече дека тренерскиот персонал дошол во нејзината соба во неделата и ѝ рекол да се спакува. Таа рече дека била пренесена на аеродромот „Ханеда“ од претставници на белорускиот олимписки тим.

Но, таа одби да се качи на летот и наместо тоа побара заштита од јапонската полиција, соопштувајќи му на Ројтерс преку Телеграм: „Нема да се вратам во Белорусија“.

Белорускиот олимписки комитет во соопштението рече дека тренерите одлучиле да ја повлечат Циманоска од Игрите по совет на лекарите за нејзината „емоционална, психолошка состојба“.

Комитетот не одговори веднаш на барањето за дополнителен коментар.

Претходно, фотограф на Ројтерс ја виде спортистката како стои покрај полицијата на аеродромот. „Мислам дека сум безбедна“, рече Циманоска. „Јас сум со полицијата“.

Во видеото објавено претходно на Телеграм од белоруската фондација за спортска солидарност, Циманоска побара од МОК да се вклучи во нејзиниот случај.

Извор од фондацијата, која ги поддржува спортистите затворени или оставени настрана поради нивните политички ставови, рече дека Циманоска планира да побара азил во Германија или Австрија во понеделник.

Шефот на фондацијата, поранешната олимписка пливачка Алијаксандра Херасименија, изјави за Ројтерс дека Циманоска, исто така, може да добие помош од Полска.

„Апелиравме до бројни земји за помош“, рече Херасименија, трикратен олимписки медалист. „Но, првиот што реагираше беше полскиот конзулат. Подготвени сме да ја прифатиме нивната помош“.

Синот на Лукашенко, Виктор Лукашенко, е претседател на Олимпискиот комитет на Белорусија.

Белоруската спринтерка за време на квалификациските трки на 100 метри (Фото: Ројтерс)

Циманоска во петокот истрча на жешките 100 метри и требаше да трча на 200 метри во понеделник, заедно со штафетата 4х400 метри во четвртокот.

Таа рече дека била отстранета од тимот „поради фактот што зборував на мојот Инстаграм за негрижата на нашите тренери“.

Цимануска се пожали на Инстаграм дека е вклучена во штафетата 4х400 метри, откако беше утврдено дека некои членови на тимот немаат право да учествуваат на Олимпијадата, бидејќи не биле подложени на допинг тестови.

„Некои од нашите девојки не летаа тука за да се натпреваруваат во штафетата 4х400 метри, бидејќи немаа доволно допинг тестови“, изјави Циманоска за Ројтерс од аеродромот.

„И тренерот ме додаде на штафетата без мое знаење. Зборував за ова јавно. Главниот тренер дојде кај мене и рече дека имало наредба одозгора да ме отстранат“.

Белорускиот опозициски лидер Светлана Тихановска побара од МОК да го преземе случајот со спортистката.

Виталиј Уткин, член на белорускиот парламент, го критикуваше однесувањето на Циманоска.

„Тоа е предавство упатено кон белорускиот народ и нејзините колеги спортисти“, изјави државниот радиодифузер СТВ, повикувајќи се на Уткин.

Претседателот Лукашенко минатата година се соочи со масовни улични протести поради, како што велат неговите противници, фалсификувани избори, и нареди насилно задушување на демонстрантите. Претседателот ги отфрла обвинувањата за лажирање гласови.

Невообичаено во земја каде што елитните спортисти честопати се потпираат на владиното финансирање, некои истакнати белоруски спортисти се приклучија на протестите. Неколкумина беа затворени, меѓу кои и олимписката кошаркарка Јелена Леучанка и десетобојачот Андреј Краучанка.

Други ги загубија државните вработувања или беа исфрлени од националните тимови поради поддршка на опозицијата. (Ројтерс)