Атлантскиот совет на Бугарија бара да продолжи блокадата на Македонија


Бугарските атлантисти бараат Албанија да биде одвоена, а Македонија да чека додека не попушти пред барањата на Софија

 

Атлантскиот совет на Бугарија (АСБ) бара од македонското општество да се ослободело од илузиите и уцените кон Бугарија ако сака да ги почне преговорите со ЕУ. Според бугарските атлатисти, како што пренесува БГНЕС почетокот на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ бил во рацете на нејзината политичка елита и решението за проблемот е само во Скопје.

„Се надеваме дека македонските граѓани сфаќаат дека патот по кој одат нивните политичари е тотално погрешен. Со клевета на соседна земја, со уцени и вршење притисок, Бугарија не може да биде принудена да се согласи дека Северна Македонија е подготвена да започне преговори со ЕУ“, се вели во позицијата на АСБ.

„Нашата земја има јасен став за ова прашање, поткрепен со документи усвоени од Бугарското национално собрание. Позицијата на нашата земја ужива над 85% поддршка од бугарските граѓани. Крајно време е македонското општество да направи сериозна проценка на своите позиции, да се ослободи од илузиите, да се отфрлат лагите и да се покаже европско однесување. Ако не сака да го стори тоа, тоа не треба да ја спречи Албанија да започне пристапни преговори со одвојување на РСМ од преговарачкиот процес“, велат бугарските атлантисти.

Атлантскиот совет на Бугарија продолжува да ја поддржува желбата на РС Македонија да стане членка на ЕУ, но само кога е подготвена. Во оваа фаза, РС Македонија е сè уште далеку од оваа состојба и ние го поддржуваме ставот на одговорните бугарски државни институции да не се согласат да започнат преговори за пристапување на РС Македонија во ЕУ, потенцираат од АСБ.