„Атараксија“ – префинета симфонија за пијано и симфониски оркестар


Музичката програма на „Охридско лето“ вечеравечер  на сцената „Долни Сарај“ донесе премиерна изведба на делото „Атараксија“  од композиторот Љупчо Мирковски. Солист на вечерта беше пијанистот Бобан Мирковски кој настапи заедно со оркестар со кој диригираше самиот автор на делото.

„Атараксија“ е модерна поп–симфонија во четири става напишана за пијано и симфониски оркестар. Ова дело претставува спој на повеќе музички жанрови кои ја покажуваат целата музичка префинетост на композиторот, со лесно прифатлива мелодиска линија и прогресивна хармонија каде на многу вешт начин ги користи сите инструменти. Покрај различните жанрови, композицијата следи и повеќе музички трендови кои се менуваат со текот на годините и е прифатлива за сечие уво.

-Ми се исполни животната желба, да напишам едно поголемо дело од песна што ќе го исполнува мојот син, а јас ќе му диригирам со овој оркестар од прекрасни музичари и врвни професионалци со кои е задоволство да се соработува.Оркестарот е составен од музичари од Опера и Филхармонија, мои соработници од некои групи со кои многу често соработувам, како и членови на „Баги Биг бенд“, изјави компзиторот на „Атараксија“ и диригент на вечерта, Љупчо Мирковски.

Пијанистот Бобан Мирковски освен премиерната изведба на „Атараксија“ , на сцената „Долни Сарај“  заедно со оркестарот ја отсвири и  композицијата „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин за која вели дека е предизвик за секој пијанист.

-На „Охридско лето“ донесовме еден многу интересен концепт составен од „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин и за првпат, премиерно, заедно со оркестар го изведовме делото „Атараксија“ на мојот татко Љупчо Мирковски. Со него, како колега имаме одлична комуникација иако малку сме различни, рече пијанистот Бобан Мирковски.

Младиот пијанист Мирковски, основното и средното образование го завршува во МБУЦ „Илија Николовски -Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески, а во 2015 година ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија). Има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено награди на голем број домашни и меѓународни натпревари. Моментално работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Љупчо Мирковски својата долгогодишна работна кариера ја започнува како прв трубач на Танцовиот оркестар во МРТ, каде работи до денес. Во текот на работниот век остварува значајни резултати со Танцовиот оркестар на МРТ како трубач, композитор и диригент. Како композитор, аранжер и продуцент има остварено голем број музички дела и соработки со познати домашни и странски музичари. Во текот на својата музичка дејност има напишано музика за театарски претстави, играни серии, филмови. Има напишано музика за повеќе од 200 џинглови, химни и рекламни спотови. Најголем дел од опусот на Љупчо Мирковски се повеќе од 200 композиции од областа на популарната музика, музика за деца, народна и инструментална музика за кои има освоено огромен број на награди.