Атал ја обвини Русија за кампања со дезинформации: Кремљ се меша во француските избори во корист на Ле Пен
Париз– Поранешниот француски премиер Габриел Атал ја обвини Русија дека се обидува да влијае врз претседателските избори во Франција во 2027 година и дека настојува да ѝ обезбеди поддршка на лидерката на крајната десница Марин Ле Пен.
Атал, кандидат на центристичката партија „Ренесанса“, изјави дека неодамна бил цел на руска кампања со дезинформации, во која биле објавувани лажни медиумски содржини со тврдења дека покажува симптоми на Паркинсонова болест и дека поддржува политики во корист на лица кои незаконски окупираат празни недвижности.
– Очекувам режимот во Кремљ да продолжи со операциите за мешање против кандидати како мене, но и да ја поддржува Марин Ле Пен – изјави Атал за телевизијата БФМТВ.
Според него, лажните информации биле пласирани на социјалната мрежа Икс со злоупотреба на логото и визуелниот идентитет на повеќе француски медиуми, меѓу кои БФМТВ, РФИ , „Ле Паризиен“, „Вест Франс“, „Либерасион“, „Франс 24“ и АФП.
БФМТВ соопшти дека никогаш не ги објавила спорните содржини, побарала нивно отстранување од платформите и покренала судска постапка.
Според Атал, станува збор за обид да се влијае врз демократската волја на француските гласачи.
Францускиот премиер Себастиен Лекорну минатиот месец предупреди дека постои „многу висок ризик“ од странско мешање во претседателските избори во 2027 година, како и на регионалните и локалните избори во 2028 година.
Француската влада во меѓувреме предложи закон со кој се предвидуваат построги казни за ширење лажни информации за време на изборни кампањи.