Астрономите пронајдоа планета покриена со вулкани, може да содржи вода


Астрономите открија планета за која веруваат дека е покриена со активни вулкани кои би можеле да содржат вода на дел од нејзината површина.

Станува збор за планета означена како LP 791-18 d, оддалечена околу 90 светлосни години од Земјата, која се наоѓа во соѕвездието Купидон и која по големина одговара на нашата планета. Орбитира околу црвенa џуџеста планета за која е тидално заклучена, што значи дека планетата нема циклус ден-ноќ како Земјата. Наместо тоа, еден дел од планетата LP 791-18 постојано се „пече“ од сончевата светлина, додека другиот е секогаш во темница.

„Денот е веројатно премногу жежок за да постои течна вода на површината, но количината на вулканска активност што мислиме дека се случува низ планетата може да ја одржи атмосферата, што би можело да дозволи водата да се кондензира во ноќната страната“, рече Бјорн Бенеке, еден од астрономите кои ја проучувале планетата.

Системот LP 791-18 содржи најмалку две други планети наречени LP 791-18 b и LP 791-18 c, а онаа означена со „c“ е два и пол пати поголема од Земјата и има повеќе од седум пати поголема маса . Исто така, влијае на орбитата на планетата LP 791-18 d коja патува по елипсовидна патека околу сонцето на овој систем. Таа траекторија значи дека планетата LP 791-18 d всушност се деформира секогаш кога ќе заврши со патот по орбитата.

„Овие деформации можат да создадат доволно внатрешно триење за значително да ја загреат внатрешноста на планетата и да произведат вулканска активност на нејзината површина“, смета американската вселенска агенција НАСА.

„Големо прашање во астробиологијата, областа која го проучува потеклото на животот на Земјата и пошироко, е дали тектонската или вулканската активност е неопходна за животот. Покрај потенцијалното создавање атмосфера, овие процеси можат да исфрлат материјали кои инаку би потонале и би останале заробени во кората, вклучувајќи ги и оние за кои мислиме дека се важни за животот, како што е јаглеродот“, вели соавторот на студијата Џеси Кристијансен.

НАСА, ESA и CSA веќе планираат да ги користат IR инструментите на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за да ја проучуваат планетата LP 791-18 c. Тимот што ја откри планетата LP 791-18 d ја смета егзопланетата „извонреден кандидат за атмосферско проучување“.

Треба да се напомене дека „пензионираниот“ телескоп „Спицер“ помогна да се открие планетата LP 791-18 пред НАСА да престане да го користи во 2020 година. Сепак, американските вселенски сили оваа недела доделија грант од 250.000 долари за да се испита можноста за активирање на споменатиот телескоп.