АстраЗенека го презема Алексион за 39 милијарди долари


Британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ се согласи да го купи американскиот производител на лекови „Алексион Фармацевтикалс“ (Alexion Pharmaceutical) за 39 милијарди долари, што е нејзина најголема зделка досега за зајакнување на својата позиција во имунологијата и ретките болести.

Договорот се случи седум дена откако АстраЗенека објави дека спроведува понатамошно истражување за да потврди дали нејзината вакцина против Ковид-19 може да биде ефикасна 90 проценти, потенцијално забавувајќи го нејзиното воведување, откако ривалската вакцина на Фајзер беше одобрена во Велика Британија и САД.

АстраЗенека соопшти дека акционерите на Алексион ќе добијат 60 долари во готовина и околу 115 долари по акција – или во обични акции со кои се тргува во Велика Британија или во депозитни акции деноминирани во американски долар, објави порталот СЕЕбиз.