Асошиетед прес го отпушти новинарот кој објави дека руска ракета паднала во Полска


 

Асошиетед прес го отпушти новинарот Џејмс Лапорта поради неточни информации за пад на ракета во Полска. Отказот на новинарот го објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори во редакцијата на АП.

„Според висок претставник на американското разузнавање, руски ракети ја преминале границата на Полска, земја членка на НАТО, убивајќи две лица“, објави Лапорта во текстот.

Според „Вашингтон пост“, Лапорта бил отпуштен откако истрагата открила дека новинарот, откако добил информации од анонимен извор во американското разузнавање, ги убедил уредниците да го објават материјалот без втор независен извор, наведувајќи го фактот дека објавувањето на веста е наводно одобрено од висок уредник.

Асошиетед прес одби да го коментира инцидентот. Портпаролката на агенцијата Лорен Истон рече само дека АП крајно сериозно ја сфаќа точноста на објавените информации, а редакцијата има многу строги стандарди. „Кога овие стандарди се прекршени, ние мора да ги преземеме неопходните чекори за да го заштитиме кредибилитетот на вестите“, додаде таа.

Ракетата падна на територијата на Полска на 15 ноември, за време на масовниот напад на руските трупи врз Украина. Првично се претпоставуваше дека ракетата е лансирана од Русија, но наскоро западните земји дојдоа до заклучок дека најверојатно станува збор за украинска ракета за воздушна одбрана. Украина инсистира дека проектилот бил руски.

Западните земји, сепак, веруваат дека на крајот одговорноста за падот на ракетата е на Русија, бидејќи таа ја започна војната во Украина. Прес-секретарот на претседателот на Русија Дмитриј Песков рече дека ако се „премота назад“, тогаш „основната причина за сѐ“ ќе бидат САД и НАТО.