Асоцијацијата на архитекти бара да се повлече ДУП-от за Мал ринг


Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ остро реагира и бара од Општина Центар да го повлече и преработи Предлог – Детaлниот урбанистички план за градска четврт Ц01 – Мал ринг 1, за кој е закажана јавна презентација и јавна анкета на 22.07.2020 година (среда) во 10часот.

„Причината заради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставнa. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект „Скопје 2014“.
Како најголемо здружение на архитектите во Република Северна Македонија, ААМ се залагаше за институционална ревизија на проектот „Скопје 2014“ и институционално справување со насилниот чин на промена на централното градско подрачје. Но, тоа не го дочекавме. Напротив, со овој предлог план вие давате институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот „Скопје 2014“. Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90% реализиран, ААМ подразбира дека приоритет ви е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул.Орце Николов), т.н Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од арх. Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот „Скопје 2014““, велат од Асоцијацијата.

ААМ секогаш имала разбирање за деталните планови каде има комплицирани имотно-правни односи и секогаш се залагала за оптимално решение. Но, овде станува збор за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.

Јавна презентација на ваквиот планот беше веќе еднаш направена кога се презентираше проектот „Скопје 2014“ во 2010 година.