Артан Груби: Мицкоски и ВРМО-ДПМНЕ ги бараа измените на Кривичниот законик
Вицепремиерот Артан Груби денеска пред медиумите рече дека најавените скандалозни измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат можните казни за функционерите и службените лица ги побарал и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според Груби, кој присуствуваше на настан крај Тетово, тука немало пазарење со опозицијата, а за ВМРО-ДПМНЕ рече дека не гласало против потребата од донесување на овие измени по скратена постапка.
– Останаа на седницата, правеа кворум и заедно го усвоивме дневниот ред. Истото се случува и денеска на Комисијата за европски прашања. Целта не е со овие услови да се врати Никола Грувески, туку тоа е екслузивно барање на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на сите лидерски и билатерални средби и имаат шанса тоа да си го направат во Собранието, одговори Груби на новинарско прашање.
На комисиска седница на дневен ред се најде владин предлог за измена на Кривичниот законик, со тнр. „европско знаменце“. Со овие измени се предлага намалување на казната за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“, се брише казната затвор од минимум 5 години за местење тендери, максималната казна затвор за „Злосторничко здружение” се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот, а има и други новини.