Арсовски: Горд сум што се вложува во македонската кинематографија
Јас сум горд што во македонската кинематографија се вложува и е рамо со светската. Убаво е што се појавија и нови деца кои собираат куп награди на меѓународни фестивали и уверен сум дека иднината на македонскиот филм е сигурна, како и некогаш, истакна актерот Петар Арсовски, годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Лауреатот Арсовски во прес центарот на ИФФК „Браќа Манаки“ потсети на деновите кога ги направил првите филмски кадри играјќи во филмот „Македонскиот дел од пеколот“, како и на последните ангажмани во серијалот „Сенки над Балканот“.

-Моите први филмски кадри ги снимив тука во Битола, на ова поднебје во близина на селото Лавци каде дебитирав. Но, како тогаш така и сега мислам дека има ист ентузијазам во македонската кинематографија и во таа смисла, јас сум горд што во македонската кинематографија се вложува и е рамо со светската. Патем, убаво е што се појавија нови деца кои собираат куп награди на меѓународни фестивали и уверен сум дека иднината на македонскиот филм е сигурна, како и некогаш. Среќен сум и мирен сум дека и во иднина ќе се гледаат добри филмови, истакна Арсовски.
Според Арсовски, ИФФК „Браќа Манаки“ е сериозен фестивал, а тоа што како што рече, синоќа ми се случи со долготрајниот аплауз за добиената награда, за мене беше голема возбуда и изненадување.
-Во моментов немам понуди за филмското платно, но не се повлекувам и не одбивам понуда. За мене големите и малите улоги се ист предизвик, нагласи Арсовски на денешната прес конференција на ИФФК „Браќа Манаки“.