Арсовски: Годинава се почнати постапки за 83 судии


Според информациите што ги имаме, од 2019 до 2020 година само Судскиот совет разреши осум судии, а оваа година се почнати постапки за 83 – причините се застареност на предмети, несоодветност по постапување на предмети и слично, изјави денес на прес конференција владиниот портпарол Душко Арсовски во одговор на новинарско прашање до каде е постапката за ветинг во судството, што ја вети министерот за правда.

„Министерот за правда вети дека во првите 100 дена ќе излезе со план како да се направи филтрацијата во судствот, но 100-те дена влада се уште не се изминати“, рече Арсовски.

Тој нагласи дека државата не може да ја направи филтрацијата, туку дека овој процес треба да го завршат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Државата може да даде само временска рамка и начин како тоа да се направи“, посочи Арсовски, додавајќи дека целиот процес малку изгуби на интензитет поради пандемијата, односно дека и претставници на судската власт се заразени или се во самоизолација заради контакт со заболени лица од КОВИД-19.

„Како и да е, Владата не се откажува од овој процес, тоа е важно зашто е ветено пред граѓаните и ќе биде остварено“, рече Арсовски, напоменувајќи дека како дел од овој процес е и проверката на имотот на судиите, постапка во која што е вклучена Државната комисија за спречување на корупцијата. (М.Ј.)