Арсовска заедно со вработени од „Водовод“ чистеа на кејот – тоа е далеку од решение


Заедно со вработените на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација” реализиравме акција за чистење на кејот на Вардар, соопшти градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Во акцијата  учествуваа 70 вработени на претпријатието кои со собирање на ситните отпадоци во зелениот појас по должината на Вардар, пренесоа порака дека секој поединец преку своето совесно однесување може да придонесе за одржување на хигиената и заштита на животната средина.

Испратија апел до сите жители на нашиот град својот отпад да го одлагаат само во наменски поставените садови контејнери, канти и корпи за отпадоци, затоа што со подигање на свесноста за соодветно постапување со отпадот се придонесува за зачувување на јавното здравје и намалување на загадувањето на животната средина.

Акцијата е одлична, праќа добра порака, но Скопје покажува дека треба многу повеќе од вакви акции за да го доживееме како чисто. Кампањски начин за чистење на Скопје не дава резултати! Тоа го покажаа и масовните акции на чистење пред доаѓањето на папата, кога чистеа и амбасадори, а и пред Самитот на ОБСЕ. Скопје ни тогаш, ни сега не е чисто!

 

 

Клупа во Капиштец (26.03.2024) Фото: Б. Грданоски
Клупа во Капиштец, а кантата на 5 метра (26.03.2024) Фото: Б. Грданоски

Законите кои предвидуваа казни за фрлиени опушоци (50 евра ) очигледно не функционираат, бидејќи нема кој да ги спроведе. Нема комунална повиција, нема позорникари. А сами да се казниме, не бива. Нема кој ни да досуди општокорисна работа, па тој што ќе биде фатен да фрла ѓубре на несоодветно место, да мора да одработи една недела во специјално обележан костим. Да собира и она што не фрлил. Секако, нема ни кој да го спроведе тоа, да внимава дека се одработени досудените часови, оти сигурно ќе се најде некој свој да ја скине казната. 

Фото: Б. Грданоски

За да се подигне нивото на свесност треба сеопфатни мерки, од едукација во училиштата, што за волја на вистинате секоја учебна година и со сите генерации се спроведува, но тоа трае додека има некоја акција во или околу училитето. На стотина метри понатаму учениците покажуваат дека заборавиле сè што научиле за чистота дотогаш. Фрлаат кај стигнат, потпикуаат хартивчиња меѓу штиците на клупите, а неретко и самите клупи ги кршат, како и реквизитите во игралиштата и парковите. 

Некако треба да се размисли и да се поттикнат луѓето да ги опоменуваат оние кои ќе ги видат како валкаат и фрлаат отпадоци каде не им е е местото, а за тоа да не бидат натепани и вулгарно нападнати со зборови од типот: „Гледај си ја твојата работа!“.  

Многу повеќе од парцијални акции за чистење со 70 вработени од претпријатие кое има повеќе од 1.000 вработени, треба за да се исчисти само кејот на Вардар што поминува низ Скопје. За водата, да не зборуваме!

Фото: Б. Грданоски