Арсовска стана портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ


Советникот во Град Скопје, Мартин Попов, изнесе редица обвинувања против Данела Арсовска

 

Во разгорената меѓупартиска војна  околу функционирањето на Скопје, СДСМ денеска ја обвини градоначалничката дека станала портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, а не независна како што се прокламираше.

„Данела Арсовска го промени работното место, од градоначалничка станува портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Таа својата енергија ја насочи кон вработување на партиски кадри, за што од буџетот на Градот се издвоени 670.000 евра.

Од друга страна се жали дека нема пари во градската каса за помош на скопјани среде глобална енергетска криза, нема пари ни за ЈСП и нејзиниот најавен бесплатен градски превоз, а камо ли за почист воздух“, вели СДСМ во партиско соопштение.

Во него, понатаму, се обвинува дека Арсовска не ја интересирале проблемите со парното греење и бара од владата, која постојано ја критикува да им помогне на скопјани. „Данела Арсовска освен што се жали и се прогласува ненадлежна ништо друго не работи“, велат од СДСМ.

Дополнително на ова Мартин Попов, советник во Град Скопје, на прес-конференција ја нарече „скандалозна“ одлуката на Арсовска директорот на „Градски паркинг“, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот директор на јавното претпријатие Бојан Христовски е поранешен припадник на Управата за безбедност и контраразузнавање  кој нема добиено безбедносен сертификат за да може да се префрли во  Агенцијата за национална безбедност.

„По ниту еден професионален критериум Христовски не е соодветно решение за да води јавно претпријатие, освен што е кадар на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Попов.

Тој уште рече: „Арсовска го прекина Бас рапид транзит системот, поништи оглас за вработување пожарникари, наместо бесплатен превоз, воведе нов поскап билет во ЈСП, во време на енергетска криза не предвиде ниту денар за антикризни мерки, ги остави скопјани сами да се снаоѓаат со поскапувањето на парното, а јавните претпријатија и установи и администрацијата на Град Скопје ги наполни со кадри од ВМРО-ДПМНЕ“.