Арсовска: Славески не закажува седица за донација за Лео – го интересира само паушалот од 500 евра по седница


Со жалење констатираме дека претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески одлучи да не ја прифати иницијативата на градоначалничката Данела Арсовска за свикување на итна седница на Советот со единствена точка на дневен ред – откажување од месечните паушали на советниците со цел истите да бидат донирани за лекувањето на малиот Леонид Индов, соопшти денеска Град Скопје.
 
Славески, вчеравечер објави дека не може да закаже седница за донација за Лео, со цел да се донираат паушалите или платите на советниците и градоначалникот, туку само ако се  донираат пари од Буџетот на Град Скопје.
 
„Славески и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажаа дека единствено нешто кое ги интересира е месечниот паушал од 500 евра за седница, а не интересите и доброто на граѓаните. Славески и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја покажаа својата малодушност и недостатокот на капацитет за пожртвуваност со цел остварување на општо добро, ставајќи ги своите лични финансиски интереси пред хуманоста“, соопшти Град Скопје, иако, вчера Славески ја пофали иницијативата на градоначалничката Данела Арсовска, со надеж дека и другите ќе го следат примерот.
 
Градоначаланичката на Град Скопје, Данела Арсовска како што најави, донира една своја месечна плата со цел помош на Леонид, дополнително на нејзина иницијатива Градот Скопје одржува хуманитарна акција која се одвива во сите средни училишта и јавни претпријатија под надлежност на Градот со цел што побргу да се соберат средствата потребни за лекување на младиот Леонид.