Арсовска пред Уставен го оспорува ДУП-от на Ѓорче Петров: Згради и фабрики врз бунарите на питка вода


Фото: Б. Грданоски
Денеска, Уставиот суд ќе одржи седница на која ќе ја разгледа и одлуката на Општина Ѓорче Петров за ДУП-от за градска четврт C3 16, од кружниот тек накај депото на ЈСП, каде се предвидени високи згради, во кои би живееле двојно повеќе жители од дозволеното со Генералниот урбанистички план. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ја оспорува оваа одлука. 
 
– Во Деталниот урбанистички план кој општина Ѓорче Петров и Министерството за транспорт ги аминувале без позитивно мислење од градот Скопје, загрижува небезбедноста на планот. При катастрофа и криза од природна непогода, се соочуваме со опасност половина Скопје да биде отсечено, бидејќи не е корегиран ДУП-от согласно укажувањата од град Скопје и согласно стандардите.
Спроти пазарот во населбата Ѓорче Петров си изгласаа да се градат 31 зграда, а највисоката ќе биде на 21 кат. Овие нови згради за над 7.000 нови жители се предвидени со Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16, кој Општина Ѓорче Петров го донесе на 15 февруари на вонредна седница.
Со планот се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош.
ГУП-от предвидува 3.750 максимален број на жители, а ДУП-от 7.244. Со ГУП-от максимално дозволена нето густина на населеност од 335 жители на хектар, додека со овој ДУП е 648 жители на хектар – појаснува Арсовска.
 
Додава дека, целиот опфат на ДУП-от е во втора заштитна зона на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, каде меѓу другото е забранета изградба на нови индустриски комплекси кои во технолошките процеси користат опасни и штетни материи. Забранета е изградба на лесна индустрија, на згради и сè што може да ги загади подземните води, освен ако стручна експертиза докаже дека нема да има штетно влијание врз подземните води, со посебни услови, строги мерки на заштита. Наместо да се дислоцира постоечката индустрија во овој дел, да нема градби, да се заштити просторот, се планира и нова индустрија и еден тон згради.
А таму, сред населено место и врз бунарите на питка вода за Скопје, си поминаа изградба на хемиски фабрики за кои ние имаме доставени во 6 наврати сериозни забелешки за незаконитости и неусогласеност со ГУП и не дадовме позитивна согласност, без која не смее да се гради!