Арсовска: Очекуваме колективен договор до крајот на годинава


Има позитивна политичка волја за да се донесе и потпише колективниот договор за културата до крајот на оваа календарска година. Ова е заклучокот по денешната средба во владата меѓу Синдикатот за култура (СКРМ) со премиерот Зоран Заев, националниот координатор за култура и претставници од Министерството за култура.
„Ние како СКРМ доставивме еден предлог и направивме едни пресметки кои беа разгледувани. Да, има позитивна реакција од страна на министерот за потпишување на колективниот договор до крајот на годината. Треба да се договориме, усогласиме со пресметките и ставовите на останатиот синдикат, но секако дека постои верување дека ќе се потпише колективниот договор до крајот на годината. Има некои правни работи и неправилности кои се настанати во минатото и треба да се изнајде начин како најбезболно да се решат за да не настане штета. Сите се согласивме дека овој колективен договор треба да биде правичен за сите“, изјави претседателката на СКРМ, Сања Арсовска, по средбата во Владата.
Од СКРМ на 8 месецов излегоа на предупредувачки марш пред штрајк преку кој побараа колективен договор што поскоро. Арсовска вели дека одлуката за штрајк стои уште и во секо време може да се активира доколку преговорите не се движат во ветената насока.
„Одлуката уште стои и таа во секој момент може да биде активирана. Секако дека ќе почекаме уште одреден период да видиме како ќе се одвиваат преговорите. За две недели се договоривме да направиме уште една средба, да ги видиме новите позиции, да ги усогласиме новите ставови“, додаде Арсовска.
Цели 15 години постоечкиот Колективен договор не се спроведува, а додека се чека новиот Закон за јавен интерес во културата, културните работници бараат нов колективен договор кој ќе стапи во сила од 1 јануари 2020 година.
Петнаесет години културните работници се без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници. Законот требаше да биде усвоен одамна и со него да се решат проблемите во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување нов општ колективен договор во културата.
Од Министерството за култура, пак, уште во мај годинава информираа дека активно и засилено работат на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон.
Рокот до 30 септември за финализирање на колективниот договор што го даде СКРМ, а Министерството го прифати, веќе е пробиен. По одржувањето на предупредувачкиот марш месецов, Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања.
„Заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работиме на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации. Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување“, соопштија тогаш од Министерството за култура.
Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и предлог-текстот на колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше на усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега ѝ се достапни на јавноста.
Со колективниот договор, заедно со синдикатите треба да се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висината на платите во културата. Се очекува во наредниот период колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1 јануари 2020 година.
Премиерот Зоран Заев веднаш по завршувањето на протестниот марш ги контактирал претставниците на СКРМ и по тој повод денеска се одржа првата средба по ова прашање.