Арсовска: Не ни требаат дополнителни задолжувања


Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Даниела Арсовска, смета дека деловната заедница треба да има повеќе информации за конкретните капитални инфраструктурни проекти и за изворите за нивно финансирање, за да ја коментира најавата на премиерот Зоран Заев дека ќе следува нов инвестициски циклус од пет милијарди евра.

– Да се има капитални инфраструктурни проекти е од големо значење за граѓаните и за деловната заедница, бидејќи секоја од компаниите ќе може да биде вклучена во нив и да даде свој придонес. Тоа секако влева и дополнителни свежи средства во економијата и ќе ја зголеми потрошувачката. Меѓутоа, првично треба да ги знаеме изворите на парите и кои се конкретните проекти за кои се планира да се потрошат планираните средства за да можеме  да дадеме мислење и подетално да го образложиме, рече Арсовска.

Таа посочи дека треба да се внимава со натамошното задолжување на земјава.

– Во овој момент знаеме на која граница е задолжувањето на земјава и не веруваме дека дополнителни задолжувања би требало да бидат нешто кон кое  ќе целиме. Тоа е одговорност на Владата. Ние како деловна заедница не можеме да влијаеме и единствено можеме да го кажеме своето мислење, нагласи Арсовска.

Премиерот Заев вчера со видеопорака на својот фејсбук-профил го најави претстојниот инвестициски циклус од околу пет милијарди евра.

– Една милијарда во патишта, една милијарда во железница, една милијарда во енергетика, нов Клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, нови пречистителни станици, регионални фабрики за прибирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки… Градиме реални проекти за реални потреби на сите граѓани. Нашата држава е на добар пат“, кажа Заев во пораката на „Фејсбук“.