Арсовска не дојде на вонредната седница на Советот на Скопје, се бара оставка од неа
Градоначалничката на Скопје не најде за сходно да присуствува на дебатата за проблемот со ѓубрето, кој неколку дена беше аларамантен
На вонредна седница на Град Скопје, свикана по барање на советничката група на СДСМ, по состојбата со несобирањето ѓубре во главниот град, што пред неколку дена беше алармантна, ниту градоначалничката Данела Арсовска, ниту директорката на „Комунална хигиена“ Косана Николиќ-Мазнева, не дојдоа.
Претседателот на Советот Трајко Славески рече дека не добил известување дека Арсовска нема да дојде.
„Седницата ја закажав во понеделникот, Арсовска во вторникот ми прати допис во кој се вели дека ѓубрето се собира и дека е нормализирана е состајбата во ‘Комунална хигиена’. Во дописот не се прецизира дека нема да присуствува на седницата“, рече Славески.
Од советничката група на СДСМ побараа оставка од Арсовска бодејќи е неспособна, нечесна и неодговорна.
Однесувањето на Арсовска како крајно неодговорно го оцени координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, која нагласи дека ова за првпат се случува дејноста за кое е основано претпријатието пред 79 години да не се извршува.
Таа потсети дека како советници гласале за инвестициската програма на ЈП „Комунална хигиена“ за сега да се случува катастрофа. Јанчева ја осуди постапката на градоначалниците кои го истурија ѓубрето на јавна површина, но уште повеќе на директорот на ЈП „Дрисла“ кој, како што рече, ги послушал наредбите на градоначалничката и не дозволил сметот што со камиони го донесоа градоначалниците да се депонира во депонијата.
„Градоначалничке Арсовска, заминете си, дајте си оставка, ослободете го градот додека не сме доживеале уште поголема еколошка катастрофа“, рече на крајот од своето излагање на говорницата Јанчева.
Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, рече дека нема зошто да се одржува седницата и тие меѓусебно да дебатираат кога Арсовска ја нема.
„Јас укажав и апелирав дека тука не е ниту градоначалничката, ниту директорката на комуналното претпријатие. Ние овде нема со кого да дебатираме и тоа е крајно несериозно, ве замолив да интервенираме да ги повикаме уште еднаш да дојдат бидејќи нема нешто што е поважно во моментов освен не дај боже да е загрозена нивната здравствена состојба. Тоа би било само единствено оправдување да не се денеска тука, нема ништо поважно од тоа да се денеска тука и да дебатираме, ни се случуваат проблеми, не само нам, им се случуваат проблеми на граѓаните на Скопје. Денеска е ова, утре ќе биде нешто друго, задутре ќе биде уште пострашно, затоа треба да сме денеска тука, да дебатираме за истите, да најдеме решение бидејќе нема никакво оправдување кога утре ден ќе ни се случи поголема катастрофа од ова што ни се случи пред некој ден“, рече Андоновска.
Советниците по расправата ги донесоа заклучоците за актуелната состојба со комунална хигиена, со цел спречување на еколошка катастрофа и појава на заразни болести. Претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски по координацијата на советничките групи го прочита заклучокот, во кои се предвидени и мерки.
„Прво се задолжува градоначалникот на град Скопје и ЈП ‘Комунална хигиена’ да ги преземат следните мерки: Редовно чистење и миење на сите сообраќајници во град Скопје. Дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина. Дезинфекција и дезинсекција и редовно одржување на контејнерите. Итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на отпад. Итна набавка на пет модерни еколошки чистачи на улиците и сообраќајниците“, рече Славевски.
Меѓу заклуоците е и детална проверка на договорите на вработените, за коишто има сомнеж не се појавуваат на работа, а оставруваат право на плата, како и на оние кои имаат нерегулиран статус повеќе од пет години.
Меѓу заклуоците на советниците на Советот на град Скопје и ревизија на работата на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, како и формирање и на работно тело за надзор на работата на јавното претпријатие. Советниците побараа и редовни координации меѓу градоначалничката и координаторите на советничките групи.
Овие заклучоци беа донесени едногласно од 24 советници од Советот на град Скопје.