Арсовска избрза: Мостот „Беласица“ нема да се пушти наскоро
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, предвреме ги даде оптимистичките најави дека многу скоро, идната недела, потпалениот мост „Беласица“ ќе биде пуштен во употреба.
Професорот Михаил Гаревски, еден од нашите најпознати експерти, вели дека мостот нема да биде пуштен скоро повторно во употреба затоа што испитувањата не се завршени.
„Пуштањето на мостот во најголема мера ќе зависи од ЕСМ, односно демонтирањето на цевките за парно греење, бидејќи без вадењето на цевките не може да се направи ниту примарната санација. Таа санација ќе се базира на торкретбетон“, изјави Гаревски за ТВ24
Гаревски додава експертизата сѐ уште се пишува и се очекува да биде готова идниот понеделник. Според неа, сепак нема да има потреба од зајакнување на мостот, но сигурно е според него дека мостот не може и не смее да се пушти во употреба.
„Откако ќе се направи санација, по правило би требало бетонот да зрее 28 дена и потоа треба да се направи пробно товарење како доказ дека мостот е во ред. Тоа товарење на мостот ќе биде со 60 тонски возила, ќе се направи тоа испитување што е стандардна процедура осоебно кога се опожарени мостовите и дури после тоа може да се пушти мостот“, вели Гаревски.