Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат меѓусебно за колапсот на ЈСП
Скопјани ќе се снаоѓаат како да стигнат на работа или на други одредишта, а градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат кој е виновен за колапсот на ЈСП.
ВМРО-ДПМНЕ, кое сесрдно ја поддржа Арсовска во нејзината кандидатура денеска соопшти дека таа „влезе во историјата како најнеспособниот градоначалник и единствена на која ѝ успеало да банкротира претпријатие. Таа треба да си поднесе оставка зошто е неспособна и ги измами скопјани“. Партијата која неа ја славеше како многу способен менаџер сега тврди дека Арсовска и Владата биле највиновни за ситуацијата во која се наоѓа ЈСП. Додека владата и Данела Арсовска си ја префрлаат топката кој е виновен, скопјани страдаат. „Тендер коалицијата Арсовска – СДСМ го упропастува градот“, велат од партијата.
Арсовска утринава во изјава за медиумот „СДК“ целата вина ја префрли на Управниот одбор на ЈСП, чии членови ги избра мнозинството во Градскиот совет на чело со ВМРО-ДПМНЕ. „Оставка треба да си поднесат одговорните за управување со ЈСП, односно Управниот одбор на претпријатието изгласан од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Арсовска.