Арсовска: Градот не добил покана од Владата за помош


Фото: Б. Грданоски

Градот Скопје не добил официјална покана од Владата за да се разговора за помош од централната власт на главниот град, по таквата најава од премиерот Димитар Ковачевски, пред неколку дена.

Градончалничката на Скопје, Данела Арсовкса вели дека покана не добиле, но дека ако на премиерот градон не му личи како што треба, тогаш вината е во неговите советници, за кои таа тврди дека официјално се во коалиција со советниците на ВМРО-ДПМНЕ и не ги гласаат проектите кои Градот ги планира.

Таа праша зошто не им дозволува на своите советници да гласаат за проектите за доброто на Градот. 

– Ние сме ветиле пред овие граѓани дека ќе работиме чесно и одговорно, транспарентно, но треба да се знае дека советниците треба да ги гласаат проектите за доброто на граѓаните – рече Арсовска во Вести плус.

Повторно како пример го даде предлогот кој неколкупати досега се јавуваше на дневен ред на седница на Советот, за набавка на автобуси за ЈСП, а сега веќе претседателот на Советот оваа точка не ја ни става на дневен ред. Во однос на тоа дека пари има обезбедено за БРТ системот, Арсовска вели дека сепак на ЈСП му требаат еколошки автобуси, со одредени стандарди. 

– За ова да се оствари и граѓаните повторно да сакаат да се возат со автобуси од градскиот превоз, потребни се 250 автобуси, а БРТ има 30 во прва фаза, 30 во втора и така натаму – рече Арсовска.

Сепак, Арсовска уверува дека БРТ системот ќе биде спроведен, а нема да биде оставен затоа што е почнат од претходните власти. Не е почнат затоа што е оставен со бројни проблеми најпрво со трасата.