Арсовска ги исчисти депониите во Скопје, таа во Шуто Оризари не ја виде

Во 82 дена, од почетокот на мандатот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, исчистени се над 150 диви депонии, од кои 120 се детектирани депонии за време на кампањата, но и диви депонии за кои пристигнале пријави од граѓани, рече таа на денешната презентација на сработеното за првите 82 дена, но за депонијата во Шуто Оризари која е една од најголемите рече ќе постапат сега, по допрен глас.
„За овие 82 дена успеавме да исчистиме над 150 диви депонии, покрај мапираните 120 кои беа детектирани за време на кампањата. За прв пат по децении во Скопје се спроведe акција за чистење на дивите депонии каде што се согоруваше опасен отпад, што претставуваше извор на загадување на воздухот, почвите и подземните води со што директно се влијае на квалитетот на живот на граѓаните. За да им овозможиме увид на граѓаните креиравме наменски линк со мапираните диви депонии, а воедно и почнавме со постапување по пријави за нивно чистење. Оваа акција спроведена од Град Скопје на чистење на диви депонии е најмасовната акција од овој тип која била спроведена некогаш во Македонија“, рече градоначалничката Арсовска.

На новинарско прашање зошто не е исчистена депонијата во Шуто оризари и како таа не била детектирана, а е една од најголемите, Арсовска рече дека сега по допрен глас ќе биде исчистена и таа депонија.
Според неа, дел од површините каде што постоеле диви депонии планирани се нови зелени површини, а Градот започнал и со зачестени контроли на редовен и вонреден неселективен инспекциски надзор и воспоставување на системски решенија, со што секое физичко или правно лице кое загадува и со тоа директно влијае врз загадување на воздухот, почвата и подземните води со фрлање и согорување на опасен отпад и шут, ќе биде казнето со високи глоби.
„За прв пат неселективно се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните. Градот Скопје со стратегија за превенција, започнува со имплементација на системско решение“, рече Арсовска.
Наброја дека за овие 82 дена донесено е решение за намалување на цената за паркинг услугите што треба да почне од 1 март, формиране Зелен совет каде членуваат професори и еко-активисти чија надлежност е да предлага системски решенија и стратегија на намалување на загадувањето во Скопје.
„Градскиот Еко Совет ќе има советодавна улога и при најголем дел од активностите кои ќе се преземаат во насока на развивање на зелени површини во Скопје, истите ќе имаат можност да дадат свој предлог или сугестија до Градот“, рече Арсовска.
Инициран е предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, во соработка со здруженијата „О2” и „Го сакам Водно”, а негова главна цел ќе биде заштита на Водно како зелен појас.

Исто така формиран е Совет за поддршка на жени претприемачи, поставени се пристапни рампи во училиштата во Скопје, а задолжени се и другите институции да го сторат истото.
„Досега во првите 82 дена се нивелирани 62 шахти, со цел за подобро одвивање на сообраќајот во Скопје. Оваа активност продолжува, при што редовна пракса ќе биде повеќе да нема неквалитетно изведени шахти на коловози при градба или реконструкција“, заклучи градоначалничката Арсовска.
Град Скопје отвори 24 часовна телефонска линија во служба на граѓаните преку која остваруваат редовна и брза комуникација со градската администрација преку телефонскиот број 02 3207 536. Целта на оваа 24 часовна линија е редовно да се одговара на поднесените писмени барања од граѓаните и барањата со кои се обраќаат до Градот Скопје за каков било проблем или предизвик, вели Арсовска.
Покрај 24 часовната телефонска линија, Град Скопје формираше и служба за брза реакција на повик на граѓаните. Назначени се одговорни лица од Градот кои секторски ќе одговараат на барањата на граѓаните и екипирана е служба за брзи реакции составена од претставници од сите јавни претпријатија во надлежност на градот кои ќе делуваат со цел брзо и ефикасно решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.
„Спроведувањето на ветинг проверка на усогласеност на исполнување на условите за директорите на јавните институции под Градот и раководителите на секторите беше едно од ветувањата кои беа неопходни за решавање, се со цел да се елиминира прекршувањето на законите и прописите во Јавните претпријатија и во Градот Скопје. Секое лице кое во иднина ќе аплицира за одредена позиција или унапредување, претходно ќе мора да помине низ процесот на ветинг, се со цел луѓето кои ќе бидат поставени на важни раководни позиции да бидат со чисто минато и чесен пристап кон работата“, додаде Арсовска.
Ревидирани се и се прилагодуваат постапките за проценките на имот на граѓаните, а во согласност со методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот, проценката мора да биде реална и имотот на граѓаните да не биде преценет. За таа цел Градот изврши ревидирање на актите за утврдување на макро локации, на зони за секоја општина поединечно.
За уривањето на галиите во вардар, Арсовска повтори дека таа нема ништо да руши, а галијата во близина на „Холидеј Ин“, за која има налог за рушење, ќе мора да биде отстранета, но не прецизира кога.
За капитални проекти кои градот треба да ги спроведе во иднина, откако заврши со лесните проблеми, Арсовска најави дека ќе информира следните денови.