Арсовска луто до Пановски: „Инфлуенсер кој чека паушал од 500 евра“. Таа на осмомартовски марш во работно време

Градоначалничкта на Скопје не е многу заинтересирана за тоа каде исчезнаа 29 клупи од кејот на Вардар. Го упати советникот Никола Пановски да прашал во МВР


 

Град Скопје го искара советникот Никола Пановски, што повикува да се смени градоначалничката Данела Арсовска, затоа што поеќе од еден месец не ги информира советниците што е преземено, по информацијата дека од кејот крај Вардар украдени се 29 клупи за една ноќ.

„Советникот од редовите на ЛДП, Никола Пановски, продолжува со срамното однесување на социјалните мрежи ставајќи се во улога на Фејсбук инфлуенсер наместо да си го заработи чесно паушалот од 500 евра за една седница месечно и да се бави со она за кое што е избран во Советот на Град Скопје. Однесувањето на Пановски не доликува на советник, а уште помалку доликува на професор, доктор и човек кој треба да образува нови генерации. Во изминативе две години Пановски во Советот на Градот е безгласна буква, советник кој нема предложено ниту еден амандман, а камоли некакво решение во интерес на скопјани, во интерес на оние кои го гласале. Единствено нешто кое го интересира Пановски е паушалот од 500 евра за кој, за жал, не работи ништо, имајќи ја во предвид неговата неактивност како советник“, велат од Град Скопје во соопштение до медиумите.

 

Оттаму го упатија Пановски да прашал во МВР до каде е истрагата затоа што случајот бил пријавен, а потсетуваат дека треба „да го контактира неговиот помошник-министер во МВР, кој доаѓа токму од неговата партија ЛДП и да го запраша до каде е истрагата за случајот или ќе продолжи и натаму да соли памет на социјалните мрежи?“

Дополнително инсинуираат дека „доколку не побара одговорност од својот партиски кадар на ЛДП тој ќе ги потврди сомнежите појавени кои покренуваат прашање дали тој самиот е инволвиран во случајот за кражбата на клупи, имајќи  предвид колку е запознаен во детали за начинот на кој е оштетен имотот на граѓаните и на кој се исчезнати клупите од градскиот парк“.

Што се обидува Арсовска да го научи советникот Пановски? Дека институциите  фоункционираат по партиска основа, па секој да си го праша за информација партискиот содружник?! Пановски е советник во Град Скопје и сосема е нормално информација за украдените клупи да бара од градоначалникот на Град Скопје, не од полицијата. 

Вчера советникот Пановски со Фејсбук статус прашуваше што се случи со исчезнатите клупи.

 

„Исчезнатите 29 нови клупи на кејот на Вардар во Градскиот парк, голема мистерија!
На 14.02. годинава мојот другар Теофил Николовски – Тофо преку пост информираше дека недостасуваат клупи поставени лани летото. Имаше слика и од една клупа фрлена во Вардар. На 22.02. претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски лично проверил дека недостасуваат 29 клупи, па побара информација од службите на Градот и од ЈП ‘Паркови и зеленило’, поставувајќи ја оваа информација како прва точка на седницата на Советот закажана за 29.02.2024.

Триесетина клупи украдени од патеката крај Вардар

Помина недела, почна седницата, на која немаше ни писмена ни усна информација. Градоначалничката ја немаше, секретар не е назначен, директорот на ЈП не дојде, сите останати присутни од градската администрација молчеа.

Во мојата дискусија ги предупредив одговорните во градот, а особено во ЈП ‘Паркови и зеленило’, дека прикривање на кривично дело (претпоставувам дека е кражба), е исто така кривично дело. На 29.02. Советот едногласно донесе одлука да побара од Градот и ЈП информација за клупите. Денес добив покана за 45. седница на Советот закажана за 14.03.2024, со 32 точки на дневен ред. Информација за исчезнатите клупи нема!!!“

Воедно, Пановски ги повика граѓаните да побараат нови избори за градоначалник на 24.04. и за советници на Град Скопје, на 08.05.2024. „Не е по Закон? Ок, тогаш законски да си го изгубиме градот“, заклучи Пановски.

Во истиот пост, Пановски забележува дека во Градот не се одржуваат седници за советнички прашања, а кога ги има, градоначалничката Арсовска најчесто отсуствува.

За иронијата од ова медиумско препукување меѓу градоначалничката и советникот да биде поголема, исто преку Фејсбук, Арсовска информира дека денеска излегла на осмомартовски марш, со група жени, за кои не пишува ни кои се, ни од каде се.

 

Фотографиите во прилог зборуваат дека тие се движеле од бараките на Град Скопје, до порта „Македонија“, со транспаренти за еднаквост на жените, за еднакви можности, не само прав, пораки дека жените се храбри и дека нема да нѐ замолчат, иако не се знае до кого се тие пораки упатени.

За овој протестен марш на градоначалничката и веројатно вработените во Град Скопје, или пак поддржувачките на нејзината партија, не беа информирани медиумите. Маршот се одржуваше денеска, на 8 март, околу 10 часот – значи, во работно време. Или можеби тогаш биле на пауза? (Н.В.)