Арсовска до Агелер: Не ли ви беше незгодно на листата на ВИП гости да ставате лица за црната листа?


 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денес преку социјалните мрежи ѝ се обрати директно на американската амбасадорка во врска со вчерашната прослава на Денот на независноста на САД 4 јули, на која присуствуваше и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, против когo таа со денови води јавна кампања обвинувајќи го за корупција.

„Добро утро aмбасадорке Агелер, среќен нека е Денот на независноста на САД. Само да прашам, не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости вчера што ви беа се лица кои треба да ви се на црна листа на санкции. Овие двајцава незгодно насмеани на фотографијава, за кои институциите имаат цврсти докази за криминал во најмалку 152 случаи и за кои се спроведуваат сериозни истраги во моментов, наместо да ви се на црна листа на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција и нарушување на човековите права, ви беа во прв ред во амбасадате вчера.

На листа на санкции со децении се наоѓаат лица ПОРАДИ НАВОДИ за корупција и поткопување на демократските процеси, меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии, а САД ги санкционираат таквите поединци како дел од напорите за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан. А за овие двајца има непобитни докази, не наводи“, напиша Арсовска. 

Таа на крајот ѝ го честиташе националниот празник на амбасадорката со надеж дека ќе има „слобода и правдата и за сите нас што живееме во Македонија, бидејќи се под сериозна закана од Висар Ганиу, Изет Меџити и Ејуп Адеми“. 

Инаку, Агелер во својот говор на одбележувањето рече „три децении, Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ги издржаа глобалните шокови и политичката смена на генерации – и секој пат излегоа посилни“.

„Три децении, Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ги издржаа глобалните шокови и политичката смена на генерации – и секој пат излегоа посилни. Тоа е отсликано во заедничките мисии во Ирак и Авганистан и големите вежби на Криволак, подготовките за заедно да се бориме за зачувување на мирот. Веќе три децении заедно му покажуваме на светот што може да се постигне со силина, компромис и трпение. Покажавме како изгледа вистинско пријателство и вистинско партнерство. Тоа е зачувување на вашето културно наследство со почит што му прилега на едно глобално богатство. Тоа се тешки, искрени разговори за теми од големо значење за двете наши земи. И тоа е тага која ја делиме со вас кога ќе изгубите млади и прекрасни животи во страшен пожар. Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави, и Бог да ja благослови Република Северна Македонија“, рече Агелер.