Арсовска бара превозници за линиите „9“, „11“ и „12“


Фото: Б. Грданоски

Додека приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ чекаат средба со премиерот Димитар Ковачевски, откако две недели протестираа барајќи ги парите што ЈСП им ги должи, денеска градоначалничката Данела Арсовска објави нов оглас за доделување пакет линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во Град Скопје.

Овој пат огласот се однесува за линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се потребни минимум 22 автобуси. Во претходниот оглас, кој ќе трае до 10 јануари, се бараа превозници за линиите 20 и 22, пишува „Слободен печат“.

Како што е наведено во денешниот оглас на линијата 9 ќе возат заеднички и автобусите на ЈСП и на превозникот што ќе биде избран, што значи дека линиите 11 и 12 ќе бидат опслужувани само од приватни превозници како што беше и досега.

– Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетот линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје од доделениот пакет имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас. Документацијата за јавниот оглас може да се подигне секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот, во просториите на Град Скопје – Сектор за сообраќај (барака број 14), на булевар Илинден број 82, со приложување доказ за уплатени неповратни средства (надоместок за подигнување на документација за јавен оглас) во износ од 4.000 денари – се прецизира во огласот.

Како дел од пријавата, подносителот треба да обезбеди и гаранција за учество на јавниот оглас во форма на банкарска гаранција или депонирани средства во висина од 20.000 денари.
Пријавите со потребната документација треба да се доставуваат заклучно со 17 јануари 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи на 24 јануари во 9 часот во барака 13 во Град Скопје. Пакетот на линии на избраните превозници ќе им се додели за период од две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Постапката за доделување на линиите и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот, и откако ќе заврши постапката, градоначалникот ќе донесе решение за секоја линија од доделениот пакет.

Во меѓувреме, јавниот превоз во Скопје функционира само со автобусите на ЈСП „Скопје“ кои се малку за потребите на граѓаните, па поради тоа се чекаат долго, особено на некои линии, а кога ќе стигант тие се преполни. Понекогаш не ни застануваат на станица, затоа што нема место.

Проблемите со јавниот градски превоз траат подолго време, а состојбата се влоши откако приватните превозници стапија во штрајк поради неисплатени долгови и блокираа крстосници низ Скопје, во обид да ја принудат градоначалничката Данела Арсовска да ги прими на средба на која би се нашло заедничко решение. До средба не дојде, затоа што Арсовска рече дека не преговара со некој што уценува.

Потоа превозниците побараа да ги прими премиерот Димитар Ковачевски, кој се согласи само доколку тие ги тргнат блокадите од улиците. Превозниците го сторија и тоа, со образложение дека сакаат да му дадат шанса на дијалогот. Вчера премиерот изјави дека градскиот превоз го уредува Град Скопје, но дека тој може да се сретне со превозниците само за да се информира за постојната ситуација. Кога би можело тоа да се случи, Ковачевски не прецизираше. Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, пак, нагласи дека средба е можна штом се исцрпат сите институционални решенија.

Превозниците неодамна изјавија дека никој од нив нема да учествува на огласите, но обелоденија и дека имаат притисоци од некои од градоначалниците блиски до Арсовска за да се пријават на јавниот повик.

Од Град Скопје не информираа дали веќе има заинтересирани и дали некои превозници се пријавиле на првиот јавен оглас, распишан за линиите 20 и 22. Секако, резултатите ќе бидат познати кон крајот на јануари кога се очекува да се објави изборот на новите превозници, со што се очекува градскиот превоз колку толку да се нормализира.