Армијата презентираше дел од современата воена опрема и вооружување во Куманово
По повод 11 Октомври, Денот на народното востание, на градскиот плоштад во Куманово беше презентирана дел од современата опрема и вооружување на Армијата на Република Македонија.

Посетителите имаа можност одблизу да ги разгледаат лесните оклопни возила STRYKER и JLTV, воено-полициската, алпинистичката и нуркачката опрема, современото пешадиско вооружување и други материјално-технички средства.

-Заедно со претседателката на Советот на Општина Куманово, претставници на Владата, Собранието, општинската администрација и Генералштабот на Армијата, имав можност да се запознаам со дел од современата опрема и вооружување на нашата Армија-објави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Настанот беше организиран од Армијата, со поддршка на Општина Куманово, во рамки на одбележувањето на празникот посветен на слободата, храброста и пожртвуваноста на генерациите што се изборија за слободна Македонија.
Утре, Армијата ќе изложува во Прилеп.