Армијата помага во расчистувањето по невремето во Долна Преспа


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата кои помагаат во санирање на последиците од невремето во реонот на Долна Преспа, селото Брајчино и околината.

– Нашата Армија не е тука само кога се работи за вонредни состојби, туку ја нуди својата поддршка и ја дава поддршката и во различни кризи, но и во справување со реални проблеми со кои што се соочуваат државните и локалните власти, изјави министерката Шекеринска, стои во соопштението од МО, и додала дека токму затоа Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните.

Таа посочила дека ова е еден пример зошто се важни инвестициите во Армијата, која секогаш е подготвена да помогне на локалното население.

– Кога велиме ни требаат повеќе инвестиции, повеќе пари во нашата војска, во нашите војници, за нашите офицери за нивната опрема и нивните услови за работа, ова го имаме на ум. Тоа не го правиме за некој друг – тоа го правиме за себе и за нашите капацитети затоа што Армијата навистина е институција која со право ја има највисоката доверба, порача министерката Шекеринска.

Таа информирала дека војниците и нивните старешини, заедно со екипи на „Национални шуми“ и на АД ЕВН, во следните петнаесетина дена ќе ги санираат последиците од невремето и ќе ја отстранат опасноста која што на овие населени места можеше да им ја причини браната создадена од скршени дрвја долж реката.

Припадниците на Армијата ги посетија и генералот Павле Арсоски, командант на Командата за операции, генералот Зоран Милески, директор на Генералштабот и градоначалникот на општината Ресен, Живко Гошаревски, кој се заблагодари за поддршката која Армијата ја дава на локалното население.