Армијата побрзо доби нов врховен командант отколку име
Претседателот и врховен командант Стево Пендаровски и началникот на Генералштабот на армијата Васко Ѓурчиновски ќе пристигнат денеска на јужната граница, во посета на нашите војници, откако парламентот минатата седмица ја продолжи за дополнителни шест месеци кризната состојба поради зголемено транзитирање на мигранти. Во оваа одлука, која Собранието ја усвои по предлог на Владата, македонската армија е именувана како Армија на Република Северна Македонија, иако во списокот на нови називи и кратенки на институции што пред неколку месеци го подготви Владата немаше решение за армијата.
Војниците на границата со Грција, кои ќе ги пречекаат врховниот командант и началникот на ГШ, сепак, ќе бидат со униформи со стари ознаки, на кои сè уште е старото име на државата „Македонија“, и покрај промената на името што се официјализира во почетокот на годината, кога на сите гранични премини беа поставени табли со новото име Република Северна Македонија. Припадници на армијата учествуваа со тие ознаки на неодамнешната воена вежба на Криволак наречена „Одлучен удар“, која ја проследи целиот државен врв. Станува збор за најголема вежба изведена досега на овој воен полигон, со учество на 2.700 војници од пет земји членки на НАТО и домашни војници.
Како што објави Телма, на непроменетите ознаки, поточно на кратенката АРМ, веќе реагирала Грција на состанок на претставници на македонската армија со НАТО, минатиот месец во Брисел. Проблемот со непроменетиот назив на македонската армија првпат испливаа при посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, кога не беа интонирани химните на двете држави, за потоа да се испостави дека тоа меѓу другото било поради непроменетите ознаки на униформите на воениот оркестар.
Проблемот со старите ознаки на армиските униформи е поради тоа што сè уште се на сила и старите уредби за униформите на АРМ и за единствен знак за припадност на Армијата. Едната е од декември минатата година, а другата од октомври 2016, а и двете се потпишани од претходниот претседател Ѓорге Иванов, кој замина од функцијата на 12 мај годинава.
Од кабинетот на новиот претседател велат дека се чека на предлог-уредбите што треба да ги достават Генералштабот и Министерството за одбрана за Пендаровски да ги потпише и тие да бидат објавени во „Службен весник“ по што и официјално ќе стапат во сила. Од Генералштабот, пак, посочуваат дека новите уредби се подготвуваат, дека тие многу брзо ќе бидат готови и доставени до претседателот на државата. Од Генералштабот велат и дека не е во нивна надлежност да даваат предлози за ознаките во врска со новото име на државата, а со тоа и на институциите, туку дека тоа е работа на владата, како и на Собранието, кое допрва ќе треба да ги менува и законите за одбрана и за служба во армијата, согласно со Преспанскиот договор.
По случката со химните при посетата на Ципрас, министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека сите институции имаат за задача да ги почитуваат Уставот и законите на државата. Според Уставот на нашата земја, според уставните измени што ги усвои Собранието со двотретинско мнозинство, сега во сите документи за Армијата се зборува како за Армија на Северна Македонија, ама дополнително треба да се реши прашањето со кратенката.
– Армијата целосно ги почитува својата земја и нејзиниот Устав. Прашањето на кратенката, пак, треба дополнително да го решиме заради тоа што една работа е дали кратенката е од првите букви на трите збора или од првите букви од целото име. Во зборот армија – првите три букви се АРМ. Во суштина не е важна кратенката, туку кое име го користиме во целата наша писмена и усна комуникација. Армијата, како и сите институции во државата, треба да го почитува Уставот и ние тоа го правиме – изјави Шекеринска.
Од претседателскиот кабинет велат дека немаат информации за реакции од грчка страна поради тоа што не е сменето сè уште името на државата на ознаките на армиските униформи. Денешната посета на Пендаровски на јужната граница, пак, е во рамки на неговите надлежности како врховен командант. Претседателот притоа ќе го обиколи транзитниот центар за мигранти во Гевгелија, за да се запознае со моменталните состојби и со ангажманот на меѓународната мисија „Фронтекс“. Во сместувачкиот капацитет на припадниците на Армијата, во здружениот оперативен центар, како што се најавува, на врховниот командант ќе му биде презентирана моменталната безбедносна состојба на овој дел од границата, тактичките мерки и процедури кои ги спроведуваат армиските единици согласно со доделените задачи во спречување на нелегални минувања на јужната граница, а посетата ќе заврши со заеднички ручек со припадниците на армијата.
Кој ќе биде аѓутантот на Пендаровски ?
Како врховен командант, Стево Пендаровски деновиве треба да назначи и свој аѓутант. Таа позиција во кабинетот на Иванов последен ја извршуваше полковникот Методи Хаџи-Јанев.
Претходниот аѓутант на Иванов – бригадниот генерал Мирче Ѓорговски, пак, во меѓувреме не стигна во Брисел, каде што требаше да биде воен претставник на земјава во седиштето на НАТО. Министерката за одбрана не донела решение за испраќање на Ѓорговски во Брисел, како и за заминување на полковник Маријо Јуришиќ како воен аташе на земјава во Париз, откако и Антикорупциската комисија отвори предмет за кадровските решенија што претходниот претседател ги донесе во екот на предизборието. Освен тоа, спорно во овие укази беше и тоа што беа со старото име на државата, поради негаторскиот став на Иванов кон Преспанскиот договор.
Според тоа, позициите во седиштето на НАТО во Брисел и во Париз, на кои треба да бидат именувани македонски воени претставници, и натаму се празни. Новите решенија за пополнување на овие места треба да ги донесе Пендаровски во консултации со министерката Шекеринска, исто како и за други држави каде што не се пополнети досега местата за наши воени претставници.
Александра М. Митевска