(ВИДЕО)Армијата ќе ја контролира границата, Владата, Собранието…


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска извести дека од денес армијата ќе ја контролира целата граница на Македонија, за да може да се повлече полицијата бидејќи таа е обучена за справување со цивилни кризи како оваа со епидемијата. Армијата и полицијата заеднички ќе имаат мобилни екипи и ќе го контролираат влезот и излезот од одредени населени мести и во реоните каде се ангажирани, соопши Шекеринска.

-Заедничките полициско-армиски патроли ќе го контролираат и спроведувањето на полицискиот час и на мерката за самоизолацијата. Третата задача на армијата ќе биде   физичкото обезбедување на виталните државни објекти, како на пример Собранието, Владата, затворите. Армијата нема да ја преземе улогата на затворска полиција, туку само надворешна контрола. Армијата ќе функционира исклучиво во комбинирани тимови со полицијата“, рече Шекеринска.

Таа исто така информираше  дека воената полска болница целосно ќе биде ставена на располагање на јавното здравје и ќе биде монтирана во близина на Инфективната клиника во Скопје. Исто така ќе се искористат капацитетите во Демир Капија и во Пепелиште, иако второво е според војнчики стандарди. Досега, врз основа на јавниот повик до хотелите над 50 легла, се пријавиле седум заинтересирани да се вклучат во обезбедувањето капацитети за карантин и други потреби, кои ќе бидат подготвени за користење за два дена.

-Бројката на граѓаните што се враќаат не е мала, а голема е и бројката на тие што треба да се во самоизолација а не го почитуваат тоа, ја објасни Шекеринска потребата од вакви капацитети на располагање на државата.

Таа извести исто така дека со одлука на Владата медиумите ќе бидат исклучени од забраната за движење додека трае полицискиот час, а во интерес на транспарентноста и спречувањето на ширењето лажни вести.

Одговарајќи на новинарско прашање околу отворената  можност за нови вработувања и за јавни тендери со одлагањето на изборите, таа го нарече неодговорно мислењето дека со ваква криза државата може да се справува со врзани раце, порачувајќи дека ова не се моменти за водење политика бидејќи државата не смее да има ограничувања туку институциите треба да бидат  посилни за да се справат со епидемијата.

-Ако нема избори не можеме да функционираме според правилата за пред избори, порача Шекеринска, запрашувајќи јавно како ќе се набавуваат заштитните материјали ако стои забраната за јавни набавки регулирана за пред избори. Никој, нагласи Шекеринска, не знае до кога ќе трае кризата, посочувајќи дека механизмите за контрола како Државната комисија за пресметка со корупцијата , па и медиумите ќе функционираат и ќе можат да евидентираат евентуална злоупотреба.