Аркан Керим: Во Грција само со билатерална спогодба на МНР


Аркан Керим, поранешен претседател на Туристичко-угостителската комора на Македонија, директор на туристичка агенција и хотелиер за mms.mk вели  дека турското Министерство за туризам во првата фаза планира да ги отвори хотелите на крајбрежјето од  15 јуни, но само за домашните туристи и со строги правила и сертификати за хотелите. За странски туристи, според него, треба да се произнесат тамошното МНР и лекарскиот конзилиум на Турција, кои треба да посочат дали  пред август би било отворено крајбрежјето за српски или македонски туристи.

-Ситуацијата со Грција е сосема различна. За да нашите туристи патуваат во Грција треба нашето МНР да го контактира грчкото МНР и да договорат протокол за отворање на границите ,се надевам од први јули, бидејќи досега Грција има ваков протокол со Бугарија, Кипар и Израел. Друг момент е тоа што се уште грчките хотелиери не се сигурни дали ќе ги отворат хотелите следствено на ситуацијата во Европа и донесената одлука на министрите за туризам на Европската Унија до 15 јуни да не се отвораат границите, а со тоа продолжува и немањето авиолетови од  европските земји кон Грција, вели Керим.

Тој вели дека секоја недела има телеконференции со колегите од Балканот и пошироко и заедно ги следат сите нови детали, бидејќи во моментов 156 земји од светот ги имаат затворено своите граници и отворањето на границите оди многу потешко.

-Целокупниот авио сектор, хотелскиот сектор, туроператорите и туристичките агенции се во комплетно тешка ситуација и голема е неизвесноста колку проценти од сите туристички чинители ќе го преживеат овој период и затоа сме секоја недела на линија да најдеме солуции да го пребродиме периодов што е можно поскоро, вели Керим.