Арјанит Хоџа обвинува дека се вршеле закани и уцени


Откако ситуацијата на седницата на Собранието влезе во пат позиција (60 наспроти 60 пратеници) и нема кворум за почнување на работата, генералниот секретар на Беса и актуелен министер за земјоделство, Арјанит Хоџа, преку Фејсбук обвини дека демократијата во Македонија е доведена во опасност преку закани и уцени. Тој не го споменува пратеникот од неговата партија, Кастриот Реџепи, кој не дојде на седницата, објавувајќи дека не сака да учествува во уривање на владата во критичен период околу одлуката на ЕУ за почнување преговори.

„Врвот на опасноста од демократијата се достигнува кога преку недемократски форми дури и слободното изразување на волјата е невозможно за пратениците. Закана, уцена или други форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај сѐ, Движењето Беса ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме зулумот!

Секој поединечно ќе одговара за своите постапки, додека Движењето Беса продолжува со политичкото патување. Соработката на опозицијата од коалицијата АА/А ќе продолжи до соборувањето на овој режим“, напиша Хоџа на Фејсбук.