„Аригато“- НОБ со гала-оперски концерт во чест на пријателска Јапонија


Фото: Б. Грданоски

В петок, во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се одржи гала-оперскиот концерт со наслов ARIGATO, што во превод од јапонски јазик значи „благодарам“.

Концертот се организира во знак на благодарност кон пријателска Јапонија по повод реализацијата на проектот од јапонската програма за развој на културата – „Проект за подобрување на музичките инструменти, опремата за озвучување и осветление на Националната опера и балет“.

Проектот се реализира во соработка со Јапонската организација за меѓународна соработка (ЏАЈКА – Балкан) во рамките на програмата за културни грантови. Проектот почна во август 2018 година, а заврши во август 2021 година.

Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер: Дејан Прошев, светло-дизајн: Милчо Александров, концерт-мајстор: Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска

На гала-оперскиот концерт ќе настапат нашите солисти: Сандра Митровска – сопран, Наде Талевска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Елена Голомеова – сопран, Соња Пендовска -Мадевска – мецосопран, Благој Нацоски – тенор, Зоран Сотиров – тенор, Никола Стојчески – тенор, Ристе Велков – баритон, Игор Дурловски – бас, Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.

На програмата ќе бидат изведени арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од композиторите: В. А. Моцарт, Ш. Гуно, Џ. Пучини, Џ. Верди, Л. Делиб, Р. Штраус, Г. Доницети, Р. Леонкавало, Ф. Лехар и др.