Архиварката која ги заглавуваше предметите во ДКСК сега е во комисијата за заштита на конкуренција
Архиварката која по налог на Цвета и ДПМНЕ ги заглавуваше предметите, сега е протната во комисијата за заштита на конкуренција иако не била прворангирана, велат од Левица.
Станува збор за нејзино вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата, на позиција помлад соработник во Одделението за оценка на концентрации. Претседател на оваа институција е Никола Трајчевски, секако, активен и истакнат член на ДПМНЕ, личен пријател на директорот на АНБ, Бојан Христовски, чија фалсификувана диплома беше аминувана од Цвета Ристовска.
Постапката за избор јасно укажува на нерегуларности. Во првата и втората фаза од огласот, Наќева има приближно 14 бодови помалку од прворангираниот кандидат. Во завршната фаза (интервјуто), бодовите ѝ се зголемени и се избира кандидат кој објективно не бил најквалификуван.Дополнително, нивото на несериозност и институционална дрскост, трагикомично, оди дотаму што во официјалното решение лицето е наведено со својот прекар – „Тања“.
Овој случај ја потврдува претходната констатација на Левица – ангажманот на Наќева во ДКСК не бил случаен, ниту административно оправдан. Позиционирањето во архивата, и покрај постоечка кадровска екипираност, овозможило директен увид и влијание врз текот на предметите. Преку ваков канал, се овозможувало селектирање, одложување и контролирање на постапки поврзани со лица блиски до власта.
Наместо санкционирање на ваквите практики, сведочиме на нивна институционална миграција. Кадар кој бил дел од сомнителен механизам за влијание во антикорупциско тело, денес се позиционира во орган што одлучува за концентрации и економска моќ. Тоа укажува на постоење на конзистентна шема, т.е. дека кадрите не се отстрануваат, туку се ротираат.
Мрежата која ја разобличивме не функционира изолирано. Таа се потпира на поврзани структури – институции, партиски кругови и приватни т.н. универзитети, кои овозможуваат континуитет на влијанието без оглед на јавните скандали“, објавија од Левица.